Ели Пешева: Неостварена желба ни е Нова Година да ја дочекаме на плажа во костими за капење

За многумина лице од екраните, за други главата на слаткарницата „О ла ла“и директорка за комуникации во маркетинг агенцијата „Њу Момент“, од најскоро и дел од најгласните во коалицијата „О2 за чист воздух“. Ели Пешева во интервју за Мама365 зборува за празничната атмосфера во нивниот дом, за желбите по кои копнеат и целите кои ги има зацртано за догодина.

Мама365: Празниците обично се повод за радост и среќа. Што ја дава причината за ова чувство во домот на Пешеви?

Ели Пешева: За нас празниците значат време за домашен џубокс. Секој член има право да одбере две песни по сопствен вкус и сите останати мора да танцуваат. Дозволен е индивидуален настап, во групи по двајца или сите заедно. Забавно е откривањето на што не потсетува некоја песна, на луѓето од нашето минато, на забава, на настани, поранешни заљубувања, лудории на сегашни или поранешни пријатели, начин на созревање и на родителите и на децата, ни се врзуваат светските топ листи со сеќавањата од одредени периоди. Семејниот џубокс секогаш, по правило, подразбира дотерување, специјална облека за перформанс. Понекогаш им праваме експерименти пуштајќи им песни со кои ние сме растеле, или песни кои нашите родители ни ги пуштале на нас. Некогаш наидуваме на одушевување, некогаш се шокирани од одреден избор. Ултимативната забава која ни овозможува да се запознаваме подобро, да си проверуваме каде сме биле и каде сме сега.
Периодот пред Нова година со години има два задолжителни настани, кои ги правиме со поширокото семејство, Secret Santa за 10 – 14 учесници, зависно дали сме сите во нашиот град. Едниот ден ни е дружба за извлекување, правиме кугла со сите имиња и секој влече по едно со името на член од семејството, на кој мора да му смисли, купи и спакува изненадување, а никој друг да не знае. Втората вечер, непосредно пред Нова Година, ни е давањето на подароците, возбудата од откривањето кој те познава или не те познава баш најдобро. Сакаме кога нашиот дом е полн со весели луѓе, сакаме врева, сакаме готвење, сакаме возбуда, и семејни фотографии, на кои и после години, коментираме со големо задоволство.

Мама365: Колку троши Дедо Мраз за да ги исполни желбите на целото семејство?

Ели Пешева: Дедо Мраз – тоа сме ние 🙂 Или како што би рекла помалата ќерка, “знам дека за мене е корисно да верувам во Дедо Мраз”. Не би можела да издвојам конкретна сума, но не би рекла дека се “расфрламе” со пари, многу повеќе се насочуваме подароците да бидат непредвидливи, забавни, невообичаени. Понекогаш си подаруваме работи што самите сме ги направиле. Девојчињата сакаат “do it yourself/ направи сам” видеа и тоа ги инспирира секогаш да бидат различни во она што го подаруваме. Некогаш се тоа видеа, компилации на фотографии, експерименти.

Мама365:  Која е најнеобичната желба што ја посакале Вашите девојчиња за Нова Година?

Ели Пешева: Нова Година на плажа, со капење во море/океан. За малку оваа година не отидовме кај мојата најдобра пријателка и нејзиното семејство во Мелбурн, бидејќи беше доцна за авионските билети, но се надевам во следната прилика ќе се почастиме со специјален костим за капење за Нова година, и на 31 декември ќе брцнеме нозе во песок.

Мама365: Борец сте за основните права. Гласни сте кога им велите на властите да го чујат крчењето на белите дробови кои остануваат без кислород поради големата загаденост. Кој е најголемиот предизвик кој што ќе си го поставите за следната година?

Ели Пешева: Ние како семејство многу патуваме заедно, најчесто одиме на локации на кои претходно не сме биле, сакаме да ги запознаваме историјата и традицијата на државите и градовите во кои одиме, шетаме пешки или одиме исклучиво со јавен траснпорт со цел подобро да го почуствуваме духот на државата и расположението на градот. Токму затоа, сите активности со кои “буткаме раце” со властите во Македонија е да стигнеме до моментот, кога на нашите деца ќе им гарантираме дека живеат во нормална, чиста и здрава држава, во која приоритетите се подредени како што личи на современа држава во 21 век, во која животот, здравјето и удобноста на граѓаните, ќе може да се споредува со која било високо развиена западно европска земја во кои сме биле и сме виделе како функционира граѓански ориентирано општество. Како стануваат поголеми и позрели, како се повеќе го запознаваат животот и неправдите, така полека почнуваат да градат став за општествените случувања и така нас како родители почнува да не стега срцето дека децата ќе сакаат да си заминат од Македонија, не затоа што не ја сакаат својата држава, туку затоа што едноставно не можат да излезат на крај со локалниот менталитет. Же бараат и и ќе очекуваат квалитет на живот каков што можеле да видат и искусат патувајќи низ светот. Мојата лична борба како родител е тие да го добијат најдоброто можно образование, да го запознаат светот и неговите силни и слаби страни, но да останат во својата матична држава, при тоа имајќи можност за убав, позитивен и квалитетен живот дома.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk