Емилија Долинска: Мама Миа и хитовите на АББА се вредност што ги поврзува генерациите

Објавено на: Mar 07, 2016 од Мама Кате

Мама Миа, мјузиклот кој го освои светот, за три дена ќе биде претставен пред македонската публика. Благодарение на Теди Медиа Груп и нејзиниот прв човек , Емилија Долинска, Скопје цели три дена ќе “дише” во духот на Бродвеј. Која е дамата која со својата идеја успеа да изненади многумина и да предизвика вистински восхит ќе имате можност ексклузивно да проследите од интервјуто токму со неа.

Мама365: Веднаш по лиферувањето на информацијата за закажаната премиера на Мама Миа во Македонија, беше објавено дека за помалку од 24 часа билетите се распродадени. Тоа ли е причината заради која веднаш закажавте уште два дополнителни термини? Очекувавте ли толкав интерес за овој настан?

Е.Д. –Можеби ќе звучи чудно но големиот интерес за овој настан навистина не ме изненади. Мама Миа и хитовите на АББА успешно докажаа дека се безвремени. Тие се вистински култ кој се пренесува од генерација на генерација и предизвикува воздишки и кај повозрасните но и кај најмладите. Тоа е синергија која буквално ве обзема. Имав прилика да го проследам овој мјузикл и да бидам искрена тоа е еден од ретките настани кои сум имала можност да ги сведочам и кои буквално ме оставиле без зборови. Толку помешани чувства и емоции на едно место човек ретко може да доживее. Токму тоа и беше главната причина заради која одреден период наназад Теди Медиа Груп се ангажираше да го обезбеди овој настан и за македонската публика. Големиот интерес не беше никакво изненадување за мене па оттука не ме изненади ни фактот што и двата дополнителни термини кои што беа објавени се пред нивна целосна распродажба. Иако ова е навистина обемен проект кој што бара доста финансиски и организациски ангажман, ме радува фактот што конечно стана достапен и во Македонија па барем за момент ќе успее да не оттргне од сите моментални случувања кои евидентно се рефлектираат врз сите сфери на општеството.

Мама365: Петта година вашата компанија е директно вклучена во организацијата и промоцијата на десетина најгледани регионални тв канали. Ако се направи споредба меѓу нивната популарност тогаш и сега, веднаш е воочлив нивниот перманентен развој кој на еден суптилен начин успеавте да го наметнете во секојдневието на македонската публика за сега истиот да биде насекаде распространет. Илустративно би го спомнале на пример, Спорт Клуб кој е неприкосновен лидер во регионот особено помеѓу љубителите на спортот. Како успевате и покрај атрактивноста на она што го работите да останете далеку од очите на јавноста?

Е.Д.  –Да бидам искрена, тоа била моја лична определба. Отсекогаш сум верувала дека човек својот фокус првенстено треба да го насочи кон создавање на цврсти темели на се она што го работи и секој вид на лична промоција е за мене спореден односно многу поневажен. Теди Медиа Груп веќе петта година е директно поврзана со промоцијата на Спорт Клуб каналите во Македонија но и на уште неколку други ТВ канали меѓу кои се вбројуваат филмскиот Синеманиа, детските Ултра, Мини Ултра и Орландо како и информативниот Н1 кој што е регионален партнер на Си-ен-ен за Балканот. Портфолиото е бројно и низ текот на годините постојано расте и се збогатува, па така како директен продукт на Теди Медиа Груп е создадена и 365 групацијата која ги опфаќа sport365.mk и mama365.mk. Тоа се портали кои се обраќаат на различен таргет од публиката но имаат иста суштина, создавање на интернет простор кој што ќе биде атрактивен за секој според своите главни фокуси или барем според она што е фокус на мнозинството на различните таргет групи. Би лажела доколку кажам дека менаџирањето на сето ова е едноставно, но во најмала рака е и вистински предизвик во кој што како млад човек сум гледала и гледам начин преку кој што максимално би ја реализирала својата замисла за тоа како сметам дека е правилно да се менаџира една компанија.

Мама365: Обично жените не сакаат да зборуваат за своите години, но оние кои се под триесет со гордост ги нагласуваат. Ова го потенцирам бидејќи спаѓате во втората група, а веќе сте доста успешна. Лесно ли е да се биде млад човек во бизнис особено што дополнително сте и жена?

Е.Д.  –Одговорот на ова прашање веројатно зависи од тоа како лично го перцепирате успехот. Неговата дефиниција е прилично релативна и секој од нас различно ја интерпретира. Секогаш пред да донесам каква било одлука за секој нареден проект под кој ќе стои потписот на Теди Медиа Груп сум имала и имам силна потреба да верувам во неговиот успех уште во фаза кога тој е само една првична, неразработена идеја. Веројатно нема да звучи чудно што многупати дозволувам инстинктивно да донесам одредена одлука но дури и тогаш максимално се вложувам себе си за успешно да биде реализирано и она што во прв момент можеби изгледа како невозможно. Надвор од делокругот на моите работни ангажмани јас сум како секој друг млад човек. Имам доста пријатели, се трудам квалитетно да го поминувам своето слободно време и едноставно го следам својот сон. Не се доживувам себе си како некаков исклучок и секогаш верувам дека најдоброто допрва доаѓа. Имав среќа да растам во семејство кое уште од најрана возраст ја поттикнуваше мојата самодоверба и веројатно тоа е основата врз која денес се темелат мојот карактер и мојата личност воопшто. Кога верувате во себе и се борите за своите соништа нема да дозволите општество да ја убие вашата младешка амбиција. Паѓав и гордо станував, и никогаш не го сфаќав тоа како ништо поразлично освен како дел од патот до секој мој нареден успех. Мојата цел се уште не е постигната. Не знам ни кога ќе ја постигнам, зошто секогаш кога ќе мислам дека сум стигнала до една цел, веднаш излегува некоја нова која стои неколку скалила погоре. Верувам во себе и во својата генерација и заради тоа сум цврсто убедена дека доколку секој во рамките на своите можности се обиде да придонесува за кохезија а не за разделеност на ова општество, Македонија навистина ќе стане место за живеење со кое сите ние ќе се гордееме. Само така можеме да осигураме подобра иднина во која младите би патувале во светот за да осознаваат нови култури и да ги прошируваат своите видици но секогаш ќе се мотивирани да се вратат назад и истите да ги применуваат во рамките на нашето секојдневие. Ако не на себе си, тогаш тоа во најмала рака им го должиме на нашите идни генерации.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…