Им го земаме воздухот на нашите деца

Залудно сите играчки, оригинал гардероба, скапо платени курсеви и активности ако на децата им го одземете правото да дишат! Зимата се ближи, со неа и проблемите со загадениот воздух. Во трката по пари и моќ, заборавивме дека го загушивме воздухот.
Секое второ дете има астма, бронхитис или проблеми со респираторниот систем.
Не треба да сте генијалци за да знаете дека загадениот воздух бавно ве труе и нанесува штети на вашето здравје. Кога тој е полн со ПМ 10 честички, секое вдишување воздух е вдишување мала доза отров која не ве убива веднаш, но на долг рок ќе ви нанесе многу штета.
ПМ 10 честичките се мали честички кои го загадуваат воздухот. Многу се мали и во себе го содржат целиот отров кој го испуштаат фабричките оџаци, возилата, електроцентралите итн. За да ја сфатите нивната големина треба да знаете дека во точката на крајот од оваа реченица собира неколку илјади такви честички. Тоа што се толку мали им овозможува да пробијат секаде во човечкото тело, а најопасно е кога ќе навлезат во белите дробови. Толку се мали што телото никако не може да се одбрани од нив и штом нападнат, секако навлегуваат во нас. Не им е проблем да стигнат и во најдлабоките делови на белите дробови.

Зошто се ПМ 10 честичките толку лоши?

Со самото дишење на ПМ 10 честичките, кои во неколку наши градови ги има и по пет пати над дозволените количини, сте сè поблиску до некоја од следниве последици:

Прерана смрт
Смрт како последица на дишење воздух со премногу честички
Проблеми со дишењето
Астма
Силно кашлање
Болки при дишењето
Хроничен бронхитис
Намалена функција на белите дробови
Проблем да се земе здив
Зголемување на ризикот од срцев удар
Зголемување на ризикот од заболување од рак
Зголемување на ризикот од аномалии кај новороденчињата

Кој е изложен на најголем ризик?

Фактот што смртноста е многу поголема во загадените подрачја кажува дека сите се изложени на ризик, но најчувствителни на него се децата, постарите лица и лицата кои веќе имаат срцеви или респираторни болести.

1. Децата страдаат поради тоа што нивните бели дробови сè уште се развиваат и им е потребен повеќе воздух отколку на возрасен човек. Кога кревкиот детски организам е изложен на ПМ 10 честичките, кај него почесто се појавуваат детски болести и што е најстрашно, белите дробови може да не се развијат како што би можеле кога воздухот би бил чист. Ваквиот воздух им ја намалува нивната функција уште додека се мали и потоа е доцна за подобрување на ситуацијата. Со тоа расте и ризикот за заболување од астма.
Загадениот воздух е еден од главните ризик-фактори поврзани со здравјето како на децата така и на возрасните. Кај децата пред се затоа што нивниот имунолошки систем е недоволно развиен.
Како резултат на загаденоста на воздухот се поголем е бројот на деца со алергиски реакции и алергиска астма. Зачестени се горнореспираторните инфекции, кои неретко се спуштаат и во долните респираторни патишта, па доста често завршуваат и со хоспитализација.
Загадениот воздух причинува дополнителна потешкотија и кај децата кои веќе имаат некоја друга хронична болест, бидејќи тие веќе имаат нарушен имунолошки систем. Освен проблемите со респираторниот сисем, страда и кардиоваскуларниот, зголемен е бројот на малигни заболувања, а науката вели дека се намалува и коефициентот на интелигенција.
Дополнителен проблем се ограничувањата за престој во отворен простор, така што наместо да бидат физички активни, да трчаат, тие се затворени дома, со таблетите во раце. Тоа од друга страна го оштетува видот на децата, дебелината е исто така проблем голем на денешницата, а една од главните мерки за превенција е токму физичката активност“, велат лекарите кои ги консултираше мама 365.

2. Постарите луѓе страдаат од загадениот воздух на начин што умираат порано. Пред да се соочат со смртта како последица од загадувањето, тие почесто ќе го посетуваат лекарот.

3. Луѓето кои имаат проблеми со респираторни или срцеви заболувања имаат потреба од исклучително здрав остаток од животот, но загадениот воздух не им го овозможува тоа. Тој предизвикува симптомите на нивната болест да се засилат и да им ја влошат состојбата.

Детската недела посветена на проблемот со загадениот воздух

Првата детска амбасада Меѓаши, заедно со невладини организации, детската недела ја посветија на проблемот со загадениот воздух.
„ Не смееме да дозволиме да се случи еколошка миграција. Граѓаните бараат начин да преживеат. Во зима и пролет Скопје е енормно загадено. Власта сериозно да ги земе предвид краткорочните и долгорочните мерки кои ги предлагаме, “ рече Драги Змијанац од „Меѓаши“, на неодамнешниот протест пред Владата. Тие до министерството за животна средина и просторно планирање доставија барања со цел да се направат сериозни обиди за подобрување на сиуацијата.Според Змијанац, најпроблематични се бизнис корпорациите кои прават профит на сметка на здравјето на луѓето.
Мама365 побара официјален одговор од заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, но и по неколку дена, одговор немаше од него. Не одговори дали Скопје ќе се гуши и оваа зима и што презема министерството пред сезоната.

Како да си помогнете?

Нема многу надеж, но сепак постојат некои начини да си помогнете во личната борба против загадениот воздух.

1. Престанете да загадувате. Дел од честичките кои ги дишете се создадени лично од вас преку вашиот автомобил. Можете да го оставите дома некој период. Во Македонија има само еден голем град, Скопје, во кој честопати е неопходно превозно средство, но во овој случај транспортот со велосипед е најбрз ако се земат предвид големите гужви. Останатите градови можете да ги изодите од еден до друг крај за помалку од еден час и затоа не ви треба автомобил за да се движите низ нив. Ако имате велосипед, уште подобро.

2. Проверете ја количината на ПМ 10 честичките пред да излезете од дома.

3. Избегнувајте да излегувате во критичните периоди. Ако надвор е премногу загадено, а припаѓате на некоја од ризичните групи, подобро е да не излегувате на отворено.

4. Избегнувајте џогирање во критичните периоди. Оваа прекрасна и здрава активност може да се претвори во многу нездрава ако поради забрзаното дишење додека трчате вдишете и голем број од овие лоши честички и со голема брзина ги пратите во длабочините на белите дробови.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk