Како го доживеав поаѓањето на детето во прво одделение

Објавено на: Sep 02, 2015 од Мама Силвана

Тргнувањето на првачињата на училиште е стресно за нив, но за родителите повеќе. Како родител, имав трема и чувство на вознемиреност многу поголеми, откога и самата бев ученик.Се чувствував како пред испит, како пред полагање. Но овојпат, за разлика од некој минлив предмет, стојам пред искушението на најтешкиот родителски испит.

Не можев да спијам. Се разбудив пред саатот да заѕвони.Ја разбудив многу порано за да бидам сигурна дека нема да задоцниме.

Во училишниот двор, за првачињата беше приредена приредба со која постарите ученици им посакаа добредојде на новите другарчиња. Играа, рецитираа песни за другарството со кои добро не потсетија и нас возрасните.

Знаејќи дека тие стихови се однесуваат и за моето дете, уште еднаш, како и за завршната приредба во градинка, зажалив што си ставив маскара пред да појдам. Но се утешив кога видов дека и еден татко беше со зацрвенети очи.

Кога ги читаа имињата на децата кој кај која учителка се паднало, реакциите на најмилите беа интересни. Во зависност од нивната снаодливост некое притрчуваше во прегратка на „вторите мајки“, некое сакаше да си се врати назад пак кај родителите, друго пак си го зема и помалото братче.

Гледајќи ги така среќни и збунети, исправени пред нов почеток, знаев дека сме пред едно големо заедничко патешествие.

Ќе ни треба многу трпение, разбирање, нерви, храброст за заеднички со наставниците од нив да направиме вредни и посветени луѓе, кои ќе се реализираат во своите професии и ќе израснат во изградени личности.

Меѓусебната соработка со наставниците и целосната инволвираност на родителот во процесот на образованието на детето е од огромно значење. А, ќе има многу пречки, падови, нервози..Но најважно е од секоја битка детето да излегува поцврсто и поизградено како личност.

Треба да научи да победува, но и да губи.

Да му се даде на детето корен, а истовреме и крилја веројатно е најтешката задача на еден родител. Но едно знам, во основата и на коренот и крилјата е родителската љубов која е безусловна и најголема. Поголема од неа може да биде само желбата за еден детски сон, наутро кога треба да се стане, а срцето ти спие.

Милион прашања во глава, а ниту еден одговор. Или можеби само еден.

Западните филозофи рекле дека крајот и целта на образованието треба да биде карактерот на едно дете. А, јас со тоа комплетно се сложувам.

 


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…