Казни за училиштата кои нема да ги почитуваат правилниците за исхрана

Аларманти податоци на УНИЦЕФ за состојбата со здравјето на младите во земјава. Секое трето дете во Македонија e дебело. Дури 14 проценти од 11 -годишните момчиња се со прекумерна тежина, а европскиот просек е 4 насто. недоволна физичка активност, јадење брза храна дома и на училиште се најчести причини. Прстот не може да се впери само во образовниот систем, потребно е институциите и родителите да работат заедно за да се подобри здравјето на најмладите – советува УНИЦЕФ.

„ 80 проценти зависи од храната, 20 проценти од физичката активност во однос на тоа во каква здравствена состојба ќе биде детето. Важно е да се спомене дека правилната исхрана придонесува не само за физичкото здравје, туку е мошне важна и за развојот на мозокот, “ вели Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.

Министерството за образование ќе го преиспитува квалитетот на храната која ја јадат учениците. Ресорната министерка тврди: проблемот се провлекува со години, поради тоа што често пати некои градоначалници не ги почитуваат одредбите од правилникот на ресорот, за тоа што треба да содржи храната за децата во училиштата. Министерката Дескоска најави казни за училиштата кои нема да ги почитуваат правилниците за исхрана. Потенцира дека ќе има и построги контроли.

„ Контролни механизми за тој правилник не постојат во рамки на измените на законите кои ќе бидат пуштени во собраниска процедура во догледно време. Ќе внесеме казнени одредби кои што ќе значат казни за оние училишта во кои што не се почитува правилникот на храна бидејќи тој правилник е изготвен со нутриционист и е даден сооднос во колкав процент и каков тип на храна треба да им биде понуден на учениците, “ вели Дескоска.

Нутриционистите советуваат храната да биде свежа и помалку обработена , овошјето и зеленчукот да бидат секојдневна ужинка.

„ Многу мала е концетрацијата на овошје и зеленчук. Треба многу поголем внес во секојдневната исхрана, во сите оброци, не само во главниот. Треба да бидат во вид на свежи намирници како ужинка или во вид на салати, “вели нутриционистот Сашко Дрвошански.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk