Кога родители за мало дете бараат соба која ќе трае до свадба, тогаш детето е несреќно до свадба

Детското катче е повеќе од убаво уредена соба. Тоа е место каде што се развива целата фантазија, каде што се твори и сонува. Секој родител треба да тежнее да направи соба за своето дете во која тоа ќе се чувствува среќно и исполнето. За правилата на уредување на детска соба разговаравме со архитектката Маја Кириќ-Радовановиќ.

Мама365: Детското катче е место кое треба да ја поттикне целата детска креативност. По кои правила се водите кога подготвувате соба за најмладите?

Маја Кириќ-Радовановиќ: Детската соба е просторија каде децата играат, учат, спијат и сонуваат. Детското опкружување многу влијае како тоа расте и се развива и секој родител, колку што е во можност се обидува да им го направи катчето покомфорно и позабавно.
И јас како архитект, пред се и како родител сакам да им ги исполнам желбите на децата, тие да добијат свое царство каде што би биле кралици, кралеви, пирати… и затоа кога почнувам да проектирам почнувам да размислувам како нив и се препуштам на својата фантазија.

Мама365:  Боја, форма… има ли нешто што е задолжително да се вметне во детскиот простор и нешто што е строго забрането?

Маја Кириќ-Радовановиќ:  Кога проектирам детска соба прво почнувам од сместување на креветот или креветите, во зависност од бројката на деца која ќе претстојува во собата, неговата поставеност во просторот која зависи прво од големината на просторијата, барањата на родителите и возраста на детето. Секогаш креветот по правило гледам да е поставен спроти стаклената површина, т.е. природната светлина во собата. Преостанатите површини ги димензионирам за останатите потребни елементи во просторијата: плакари, работно биро, полици за книги и играчки, елементи за игра, дел за седење со гледање телевизија итн. Што се однесува до дизајнот на детската соба, зависно од возраста, исто како и со родителите, сакам да ги запознаам и децата ако е тоа возможно. За најмалите, гледам формите на површините од елементите да бидат заоблени на аглите, заради безбедноста на децата, таа произлегува од нивните желби, дали тоа би биле сцени од нивните суперхерои од цртаните, автомобили, бродови или омилените принцези. Тие имаат омилена боја која се поистоветува со истите. Кај собите за тинејџери преовладуваат поправите форми, тие се веќе големи и сами си ги избираат и формите и боите.

 

Мама365:  Кога знаете дека успешно сте ја завршиле работата?

Маја Кириќ-Радовановиќ:  Децата се многу искрени, понекогаш и брутални. Од нивната реакција кога за прв пат ќе влезат во својата соба дознавам дали успешно сум ја завршила работа. До сега биле само прекрасни насмевки, затоа морам да продолжам со добрата работа и исполнување на нивните желби.

Мама365: Многу родители сметаат дека стручната работа може да се изостави и сами да го креираат омиленото место на нивните деца. Зошто не е добро да се импровизира?

Маја Кириќ-Радовановиќ: Морам да признам дека кога станува збор за уредување на детски соби има многу успешно средени соби без консултација на професионалец, но како и во сите области најуспешните проекти се во соработка со архитект.

Мама365:  Кои се најчестите грешки кои ги прават родителите кога ја преземаат улогата на архитект?

Маја Кириќ-Радовановиќ: Најчести грешки се кога родителите на мали деца бараат соба која ќе им трае до свадба. Тогаш имате несреќно дете до свадба.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk