Модерните мајки сигурни во себе, лутаат во растењето на сопствените деца

Глобализацијата и модерното време наметнаа нов тренд-модерно мајчинство. Желбата да се биде неприкосновен родител, новите генерации ја вклопуваат во можностите кои ги нуди новата ера. Достапноста на интернетот си го прави своето, па затоа се почесто се фрла сомнеж на доказите и се популаризира непровереното.
Од повивање, преку капење, готвење и давање лекови, многубројните групи на социјалните мрежи веќе растат цели генерации. Постојани прашања, совети од ракав, фотографии од разголени дечиња…во желбата да му помогнат, не размислувајќи на ризикот и опасноста, модерните мајки најчесто им штетат на сопствените деца.

ВУЛГАРИЗАЦИЈАТА ВРЗ МЕДИЦИНАТА

„Мајки, од кој сируп за имунитет сте најзадоволни?“ „Мајки, дали има некој вирус зашто ќерка ми е веќе три дена со 38 температура и пролив? Што давате? Дали да ја носам на лекар?“ Станува пракса фејсбукот да заменува лекарски прегледи и да се лечи на своја рака. Се почесто медицинските совети се анализираат на социјалните мрежи, па мајките си дозволуваат да се согласуваат или да не се согласуваат со препораката на лекар којшто го прегледал детето и којшто врз база на теорија и пракса на која го посветил животот препишал соодветна терапија. Со огромна леснотија се препорачува и се прифаќа се и сешто, а муабетот се сведува на разменување идеи и лајкови на родители кај кои терапијата се покажала како успешна на нивното дете. Се заборава на фактот дека се работи за различни деца, различни организми, различни проблематики, а не роботи!

ВАКЦИНАЦИЈАТА-ГЛАВНА ТЕМА ЗА КАВГА

Ако сакате за кратко време да добиете стотици коментари, набрзина да направите бројни поддржувачи и непријатели, тогаш поставете ја како тема за дискусија вакцинацијата на децата во групите за мајки на фејбук. Недозволиво е колективната имунизација да зависи од непроверени наслови, штури реченици, тврдења без доказ и безпредметни дискусии. Кавгите честопати знаат да бидат вулгарни и симнати под елементарно ниво. Ретки се страниците на социјалните мрежи кои нудат изјави од лекари или заклучоци од истражувања. По колективниот сомнеж кој го наметна интернетот кај родителите, државата сериозно мора да преземе мерки и да понуди научно поткрепен доказ за да ги елиминира евентуалните шпекулации кои можат да донесат сериозни општествени аномалии и да вратат веќе искоренети болести.

НЕМАЊЕТО КОНТРОЛА ВРЗ ИНТЕРНЕТ ПРОСТОРОТ ИМ ДАВА ХРАБРОСТ НА МАЈКИТЕ ДА ЛУТААТ

Препишани, полу точни информации, лошо преведени текстови преку ноќ стануваат најчитани благодарејќи на слободниот интернет простор кој не се контролира. Никогаш не било полесно да се направи бизнис од ЗДРАВА ХРАНА, БЕЗГЛУТЕНСКА ХРАНА, ОРГАНСКА ХРАНА, ХОМЕОПАТСКИ ЛЕКОВИ.

Пред некој ден на детски роденден, родител на детенце со кое учи мојата ќерка ми рече дека хомеопатски ги лекува нејзините деца и дека веќе цела година гледа резултати. Ваквата изјава предизвика љубопитство кај уште пет мајки кои не знаеа ништо за ваквиот начин на лечење, па со половина час објаснување беа убедени дека тоа е навистина одлично да се проба врз нивните деца. Мајката за кратко време откри дека иако ги лекува децата хомеопатски, сепак не смета дека вакцинирањето е штетно и досега нејзините два сина ги примиле сите вакцини од картонот за имунизација (хомеопатите се строго против вакцинација и сметаат дека тие се извор на многу зболувања). Недоволната информираност е секогаш поопасна од неинформираноста. Тогаш се добива чувство дека се знае се и се престанува со читање и истражување на областа, а самодовербата е се поголема!

Децата се категорија со која не смее да се импровизира! Модерна мајка е само добро информираната мајка која се храни со информации од научно проверени извори! Модерната мајка не смее да лута и да прави недопустливи грешки!

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk