,,Мојата мајка не почина од рак, почина од последиците кои ги остави таа болест”, интервју со Љубица Јаневска Ивановска

Шок, тага, депресија, помирување…Ракот е болест која те тера да биде прифатена, да научиш да живеш со неа. Токму затоа болните од рак и нивните семејства преживуваат наколку стадиуми откако ќе дознаат за тешката болест. Познатата презентерка и водителка, Љубица Јаневска Ивановска пред една година ја загуби својата мајка. По долги години борба-болеста победи. Храбрата Бубе, за мама365 ја раскажува семејната трагедија со цел да ја подигне свеста кај сите жени за навремени прегледи и рано превенирање.

Мама365 Здравиот човек има безброј желби, болниот само една-да оздрави! Како ја доживеа информацијата дека твојата мајка боледува од рак? Што се ти помина низ глава?

Љ.Ј. И.Повеќе ме погоди кога дознав дека болеста се вратила. Кога првпат дознав во 2000 год некако не ја сфатив сериозноста на целата таа ситуација, затоа што и мајка ми претставуваше дека не е ништо страшно. Дека ќе ја оперираат, дека ќе биде 2-3 дена во болница и ќе си дојде дома. Така и беше. А сега кога ќе го вратам филмот наназад, всушност јас и не знаев дека ќе се оперира од рак на дојка. Бев релативно млада, па некако болестите не ги сфаќав сериозно. Од оваа временска дистанца, се чувствувам лошо кога ќе помислам дека сите тие контроли притоа ги минувала сама, без моја помош. Но, времето не можам да го вратам за да ги коригирам работите. Знаете, секогаш ќе си најдете нешто за што ќе си забележите. А мајка како мајка сака да ги заштити своите деца, па и не зборуваше многу, не покажуваше болка, го криеше стравот. Пред мене и брат ми беше насмеана, а нам тоа тогаш ни беше довоно за да не се грижиме и да не навлегуваме во сериозноста на нејзината болест.

Мама365: Колку претходно знаеше за болеста?

Љ.Ј.И. Речиси ништо затоа што тогаш интернетот не беше премногу развиен, а немавме некој близок во семејството, меѓу пријателите и блиските кои што биле во таква ситуација. Кој знае, можеби да ги имав сите овие знаења за болеста, за исхраната, за алтернативнте решенија, можеби се ќе беше поинаку, но, за жал, не можам да го вратам времето и да ги поправам грешките и надоместам работите. Ах, камо да можеше…

Мама365: Како се развиваше болеста?

Љ.Ј.И. Две недели по операцијата мајка ми се врати на работното место. Не примаше хемотерапија затоа што онкологот во консултација со хирургот што ја оперираше решија да оди само на зрачна терапија. Беше многу дисциплинирана за се, особено кога стануваше збор за своето здравје, редовно одеше на сите контроли и испитувања. Самата си ја откри грутката во десната дојка. Сама замина на лекар. Тогаш докторот и рече бенигно е, ако расте ќе го извадиме. По една година тоа стана малигно и стигна до вториот стадиум. Затоа совет до сите ваши читатели е секогаш да побараат и второ мислење барем кога станува збор за бенигни и малигни заболувања. Доколку тоа се извадеше додека беше се уште бенигно, можеби немаше да дојде до сето ова. Но, … не сакам да кажам дека така требало да биде, туку и апел до докторите да ги кажат сите можни опции и решенија во такви ситуации. Имавме среќа да сретнеме и еден доктор, кому јавно му се заблагодарувам, д-р Чоланчески кој буквално секогаш кажуваше како би било, која би било следна фаза, па во таа фаза што би направиле, итн. Што би се рекло, доктор од збор. 10,5 години по операцијата, мајка ми почна тешко да дише. За првпат се пожали дека не може да ги искачи скалите во зградата, дека брзо се заморува. Тоа беше аларам дека нешто се случува, со оглед дека мајка ми никогаш за ништо не се жалеше. Заминавме кај нејзиниот онколог д-р Никола Васев. Ја користам оваа прилика јавно да му се заблагодарам за сето она што го направи за мојата мајка. Тој не е само доктор, туку е и еден вид психолог кој се грижи и за сите оние жени кои влегуваат во неговата амбуланта, да има даде сила, мотив да истраат во се. Д-р Нино итно не упати да направиме компјутерска томографија на белите дробови. Но, итното на Клиниката за рентген значеше речиси два месеца чекање. Отидовме на приватна киника за да направиме КТ од глава до карлица. Дијагнозата шокирачка. Вода во едното белодробно крило, метастази на плевра и метастази на коски. Шок! Не можев да ги сопрам солзите. Плачев скришум од сите. Бегав за да не видат дека сум слаба. Мајка ми на хирургија лежеше една недела, за да и се дренира водата од белодробното крило. Потоа почна да прима хемотерапија. Исклучително лесно ги поднесуваше хемотерапиите. Јас се изначитав, пробував со се што даваше некому резутати. Особено еден сируп и помогна за лесно да ги преброди нус-појавите од цитостатиците. Тогаш ја имаше само внуката Мила, па често беа заедно и успеавме да го преживееме тој период. Неколку години си беше се во ред. Таа, и сите ние функциониравме нормално. Потоа почнаа силните, неиздржливи болки во коските, која таа сама ги издржуваше, без да ни каже и да ни се пожали. Дури и телефонски кога ќе се слушнеме таа звучеше нормално, а всушност трпеше огромни болки. Нешто повеќе од година дена пред да не напушти, околу срцето и се насобра вода, па го лечевме тоа. И сите тие работи го ослабуваат човечкиот организам колку и да е силен. Иако, по некоја книга со оваа дијагноза се живее 3-4 години, мајка ми беше феномен, барем така ја нарекуваа докторите. Живееше 6 години.

Мама365: Болеста не го исцрпува само болниот! Удира по целото семејство, го тенчи физички, психички и материјално! Кои беа најголемите кризи низ кои поминавте како семејство?

Љ.Ј.И. Првиот шок беше паѓањето на косата, по втората хемотерапија. Психички се паѓа во таа ситуација без оглед колку да си јак. Но, успеавме да јa подигнеме. Болките што ги трпеше од метастазите во коските, подеднакво не болеа и нас, без огед што таа криеше од нас. Не можевме да и помогнеме. Потоа дојде водата што се насобра околу нејзиното срце, но д-р Јованова на Кардиологија успешно на двапати и ја издренира водата и си функционираше нормално, иако се чувствуваше дека веќе е исцрпена, дека нема сила, дека полека почнува да тоне. Дававме и давав максимум до последниот ден. Но, знаете… секогаш доаѓа времето кога човек ќе мора да го пуштите да си замине, колку и да не го сакате тоа. Мојата мајка може не почина од болеста, но сигурна сум дека почина од последиците што ги остави таа болест.

Мама365: Борејќи се со болеста секогаш силата доаѓа од надежта дека може да се излезе како победник. Имавте ли верба_

Љ.Ј.И. Вербата не не напушташе никогаш. Многу читав, истражував, се распрашував. И правев и посебни распореди што да пие, во колку часот, итн. Бев максимално посветена. Откако по двете дренажи на водата од срцето, почнавме да и даваме масло од канабис нашата верба никогаш не беше поголема. Мајка ми стана од кревет, почна да јаде, почна да шета. Беше полна со живот. Едноставно не можевме, што се вели, да ја прибереме дома. Но, направивме една пауза од месец и половина, која се покажа како кобна. Причина беа финансиите и оттогаш работите почнаа да одат надолу. При употребата на маслото не е препорачливо да се направи голема пауза, затоа што при следното примање повторно се почнува од почеток, односно повторно организмот треба да се привикнува. По таа пауза, повторно почнавме со маслото, но се чинеше дека нема да биде лесно како првиот пат. И се потврди. Полека, полека стануваше слаба, кревка, изнемоштена…. Се пожали дека двојно почна да гледа. И веќе беше јасно дека болеста полека се проширува. 20-тина дена по дијагностицирање на метастаза и во главата, таа си замина и не напушти засекогаш.

Мама365: И…на крај судбината одлучи поинаку. Како ја доживеа смртта на твојата мајка? Како се соочуваш со неа година дена подоцна?

Љ.Ј.И. Како ја доживеав… Плачев кога дознав дека и се вратила болеста. Плачев скришум. Плачев долго време. Се до една ноќ, кога избришав солзи и реков дека нема зошто да плачам, таа е се уште тука со нас, и дури е жива нема да плачам. Ех,…. таа барикада што сум ја изградила пред мене и пред мајка ми, пред другите… утрото кога ми јавија дека починала немав солзи. Немав солзи ниту ден потоа, на погребот. Плачев потоа, плачам секој ден. Плачам во себе постојано. Една е мајка. Горда сум на неа. Таа беше исклучителна личност, силна, цврста, добродушна жена, која никому никогаш не му префрлила за ништо. Не можев да имам подобра мајка. Многу ми недостига. Често ја сонувам. Знам дека е со нас и не штити од секое зло. Заслужи да има бескрајно небо и верувам дека е на подобро и поубаво место, без болки, без страдања.

Мама365: Имајќи предвид дека си жена, ги правиш ли редовно потребните прегледи? Која е пораката до сите девојки и жени?

Љ.Ј.И. Уште откако и се врати болеста на мајка ми почнав со прегледите на дојка затоа што имам предиспозиции, но не значи дека и јас ќе заболам од истата болест. Правам и самопреглед, што е исто така многу значајно. Еднаш во 6 месеци прегледувам и гинеколошки, тироидеа, внатрешни органи. Станав дисциплинирана и јас. Им препорачувам на сите жени да не се плашат, да одат на редовни контроли, да прават самопрегледи на дојките затоа што така ќе превенираат. Откривањето на болестите во ран стадиум значи и излекување. Ако немаме здравје-немаме ништо. Знам, дека луѓето се плашат, што доколку имам нешто, и сл. Тој страв мора да се победи. Бидете храбри и силни, никој од нас не знае што носи во себе. Подобро да се спречи отколку да се лечи. Бидете совесни, здравјето е пред се и над се.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk