На бебињата им требаат прошетки и во зима

Студот пристигна, со него и вирусите. Минусните температури се на прагот. Белите снежни пејсажи не се повеќе романтични за родителите на мали бебиња. Тие се соочуваат со многу дилеми: кога да го изнесат своето бебе надвор, дали му е доволно топло и како да го заштитат своето дете од настинки. Како да постапувате со децата кои немаат наполнето една година во зима?

Кога е идеално да го прошетате бебето

Доколку температурата на воздухот е над 15 степени и нема ветар, а папочната рана е добро заздравена, новороденчето може да го изнесете надвор, првиот ден десетина минути, а потоа секој ден подолго на кратка прошетка, но не повеќе од еден час. Ова важи за доносените новороденчиња, кај предвреме родените треба да се почека да наполнат барем еден месец.
Доколку температурата е под 15-тиот степен, новороденчињата кои немаат напонето еден месец не треба да се изнесуваат надвор. Бебињата кои веќе имаат еден месец можат да се изнесуваат, но на кратки прошетки, на пример двапати дневно по пола час. На температура под нулата, сепак, со младото доенче, останете дома.

Бебињата се чувствителни на температурните разлики

Новороденчињата и младите доенчиња се посебно чувствителни на температурните промени бидејќи центарот за терморегулација не им е сè уште доволно развиен. До полесно разладување придонесува и структурата на кожата (недоволно развиено масно ткиво, кое служи како заштита) и послабата периферна циркулација.

Како да го облечете бебето за прошетка

Бебето треба да биде облечено на слоеви. Ваквото облекување е корисно бидејќи секогаш кога ќе се укаже можност можете полесно да го расоблечете бебето. Првиот слој, кој е во допир со кожата, треба да е памучен, а надворешниот треба да е од материјал кој не пропушта вода и штити од ветер (скафандер) или топла виндјакна исполнета со пердуви, кои се одличен изолатор. Ако бебето го шетате во количка, треба дополнително да го покриете со волнено кебенце или топла вреќа. На главчето секако памучно, а над него и волнето капче. На рацете, волнени ракавички. Не заборавајте дека ако бебето го шетате во количка во која најчесто спие или лежи мирно, метаболните функции му се сведени на минимум и можноста за разладување е поголема. Затоа често проверувајте го вашето бебе. Ако му е пријатна прошетката, тоа задоволно ќе спие во количката, рачињата ќе му бидат топли. Ако, пак, е вознемирено, плачливо, значи дека прошетката не му е пријатна, па подобро вратете се дома.

Зимски сончеви прошетки

Изложувањето на сончеви зраци во зимскиот период околу 30 минути секој ден е доволно за синтеза на витамин Д. Но, сепак, профилактичка супституција со овој витамин спроведувајте во текот на првата година, особено во зимските месеци. За постарите доенчиња важат истите правила. Тие можат да останат надвор малку подолго, по проценка на родителите. За оние кои прооделе и самостојно се движат важни се и удобните и топли обувки кои не пропуштаат вода.

Забранети прошетки на ветар и магла

Свежиот воздух ќе го подобри бебешкиот сон и ќе му го отвори апетитот. Расположението на бебето значително ќе се подобри. Прошетките се забранети исклучиво ако дува ветар или има магла. Тоа им штети на бебињата.

Не заборавајте дека престојот надвор на ниски температури ја намалува отпорноста на слузницата на респираторниот систем, а со тоа се зголемува можноста од настинки. Обичната настинка се карактеризира со течење на носето и блага кашлица, најчесто без температура. Оваа кондиција не бара посебно лекување и не е пречка вашето бебе да го изнесете повторно надвор. Просторијата во која престојува бебето треба да биде чиста и често проветрувана. Во зима во повеќето станови воздухот е сув. Во вакви услови може да доведе до сушење на кожата на бебето, која станува сува и црвенкава и почнува да се перута. Сувата слузокожа на носот доведува до намалување на отпорноста од настинки. Температурата во собата треба да биде 20-22 степени (25-26 степени при капење), а влажноста околу 60%. На радијаторите или печките ставајте сад со вода или обезбедете електричен освежувач на воздух.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk