Не ги сожалувајте оние кои пелтечат

Пелтечењето е комплексен и мистериозен проблем кој го опишале многу автори. Иако традиционално, пелтечењето се гледа како нарушување на ритмот или течноста на говорот, во праксата пелтечењето не го идентификуваме само во прекините на течноста на говорот туку и во промените во брзината на говорот, гласот, гласноста, начинот на артикулација, модулацијата на гласот или исказот, фацијалната експресија и постуралното прилагодување.

Пелтечењето може длабоко да го афектира секој дел од животот. Лицето кое пелтечи, најчесто има проблем да се претстави, да си ја каже адресата, да одговори на телефонски повик, да нарача храна, да побара карта или влезница или да направи нешто друго, што бара говор. Многумина од нив се свесни за нестрпливоста на слушателот и непријатноста додека чека да се искаже. Ова секако, дава чувство на притисок во ситуацијата и доведува до влошување на пелтечењето.

Пелтечењето доведува до развој на негативни емоции како анксиозност, страв, срам, чувство на вина. Високото ниво на анксиозност го афектира животот на лицето со пелтечење, го нарушува квалитетот на живеење, нивниот однос кон секојдневната комуникација и ја намалува самодовербата.

За лицето кое пелтечи, од голема важност е начинот како со него се разговара, па така на пример, не е добро да му се кажува дека треба да зборува полека или да земе воздух пред да каже нешто. Ова предизвикува кај лицата со пелтечење, чувство на омаловажување и симплифицирање на проблемот кој го имаат, бидејќи тој проблем е многу по комплексен од тоа што лицата кои не пелтечат замислуваат. Секогаш треба во разговорот да се следи содржината, а не формата на кажаното. За лицата кои пелтечат важно е да почувствуваат поддршка, внимание и трпеливост, ова се огледа како во вербалниот дел од комуникацијата така и во невербалниот дел, ставот на телото, погледот во очи, кој секако, треба да биде природен.
Лицето кое пелтечи, не сака да почувствува сожалување од страна на соговорникот, тоа би било навистина поразително, бидејќи, се работи за здрава личност која може да биде успешна во животот и кариерата до колку не дозволи пелтечењето да биде пречка во остварувањето на животните цели, а за тоа најчесто ѝ е потребна поддршката од семејството и средината каде што живее и учи или работи.

Лицето кое пелтечи, се навредува кога некој му го завршува зборот. Ова е навредувачки, бидејќи тоа лице секогаш знае што сака да каже, само некогаш му треба малку повеќе време. Кога некој му го завршува зборот или реченицата на лицето кое пелтечи, може да дојде до погрешна формулација на пораката, уште поголем стрес и појава на негативни емоции, што доведува до инхибиција од социјални ситуации и спреченост на живеење комплетен социјален живот.

Ако не можеме на друг начин да помогнеме, можеме бар тоа малку време, кое му е потребно да се искаже, да му го поклониме, на нашето дете, на нашиот роднина, нашиот ученик или студент, нашиот комшија или колега на работа!

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk