„Невестинска и роденденска торта сечевме заедно“, интервју со новинарите Христина и Павле Беловски

Во новинарските кругови важат за харизматична двојка која после првиот муабет ќе ве освои. Ведри, млади и од неодамна со бурма на рака, новинарката на ТВ24 вести, Христина и новинарот на Телма, Павле за Мама365 ја раскажуваат својата приказна. Од запознавање, до раѓањето на нивната ќерка Софија и свадба со стотици гости, текот на настаните кај нив не одел вообичаено.

Првата љубовна искра на брачниот пар Беловски се случила на гробишта.

Христина: Тоа беше  најромантичното запознавање. Но, имајќи предвид колку емотивни суштества се мажите ќе оставам простор на Павле да се истакне и да ви ја долови “филмската” сцена.

Павле:  Се запознаваме на градските гробишта Бутел.  Врел јулски ден, цела функционерска свита, тажни труби и многу солзи. За присутните непреболен земјотрес, за нас искра. Премногу дијалектички зачеток на врската и потврда дека две енергии можат да пронајдат зедничка цел. Јас не сум романтичен и не верувам во љубов на прв поглед, таа волја и ја препуштив на Христина додека јас се трудев и се трудам да овозможам услови тој концепт да трае вечно.  А, како би рекла НЕ, кога пред 250 луѓе, на микрофон и предложив да стапиме во брак. Имам повеќе сведоци од СЈО во дузина предмети.

Во љубовта нема правила, ниту пак редослед на текот на настаните. Тие се пример дека е така. Неодамна се облекоа во бело и ставија бурма на рака на првиот роденден на нивната ќерк Софија. Колку било необично на венчавката да биде гостинка ќеркичката Софија и на нејзиниот роденден мама и тато да бидат младоженец и невеста.

Павле: Браќата Манаки со себе во Битола не ја донесеа само камерата туку го продуцураа и на најсложеното прашање за родителите.  А, каде сум јас на сликата од свадбата ?  2015 година  на 19 декември се обврзавме пред законот за брак дека ќе се сакаме и ќе делиме се што со создаваме.  Јас ќе кажам, судбина.  Судбината ќе каже дека татко ми мора да замине, но за само неполни 4 месеци ќе ни ја врати насмевката со веста дека Софија Беловска е на пат. Софија кога ќе порасне за присуството на нашата свадбена веселба ќе треба да упати едно благодарам и на градежната компанија која задоцни со изградбата на нашиот нов дом (хахахах ). Конвенционалниот след на нештата беше нарушен, па оттука и прашањето зошто свадба. И од првичната идеја, па се до денеска за венчавката имам усогласен став. Прослава која мора да се случи.

Христина:  Хронолошки, како што вели Павле навистина “отстапивме” од очекувањата,  но не  од нашите лично, туку на опкружувањето. За нас не беше спорно како, туку прашањето беше кога. Секојдневните обврски ги истенчија до последна минута нашите приоритети  за на крај во еден месец да ги организираме сите детали. Кога договаравме на моменти ми провејуваа два соништа, еден го разбуди моето детство и замислата дека венчавката оди во пакет со пар модерни чевли за Пепелашка и другиот, посилниот и поприродниот мајчински инстинкт кој ги совлада сите стереотипи и предрасуди.  Од моментот кога разбрав дека на свет ќе донесам нов живот само би пребројував минутите кога  мојата неизмерна среќа која му даде нова смисла на животот ќе  му даде печат и на еден емотивен проект кој сите го викаме “свадба”.

Ако сите невести имаат слатка мака да изберат фустан за себе, Христина имала двојна-да најдде и за неа и за Софија.

Христина: Би рекла , течеа деновите а подготовките и обврските  ги чував  во фиока се до последните неколку дена додека не ја добив венчаницата од соништата. Здивнав во моментот  кога мојата свекрва и нејзиното магично стапче се појавија и го донесоа венчалниот фустан хаха (кој патем беше изнајмен од мојот роден Штип)Од тој момент немаше веќе двоумење дека се ќе се реализира како што замисливме. Славеничката имаше кратка епизодна улога на “малечката невеста”, а таму се потпиша  костимографот “мама”. Бидејќи ѕвездата се појави на сцената два пати, вториот избор на Пепелашка фустан беше оставен на омилената тетка и моја старосватица  Наташа.

Рушење на уште еден стереотип е наместо една, да добиеш две жени дома. За нив, бурмата на рака не носи нова одговорност туку е само формална постапка.

Христина: Бурмата е  ништо повеќе од предмет кој треба да потсетува на обврзувачкиот договор пред црковните канони и  религиските верувања.Но ние не носиме бурми, затоа што слободните умови не се врзуваат за предмети.  Градиме нешто наше, посебно, нешто што не е сечие и нечие и затоа  одлучивме да отстапиме и од овој конвенционален концепт.

Павле:  Последен пат дома избројав 3 жени. Волчјакот Вега е дел од нашето семејство.  Размената на брумите како дел од црковниот ритуал го оставивме зад нас . . ЈАС ИЗБРАВ да бидам со Христина, ЈАС практицирајќи слободна волја одлучив дека тоа е вистинското.  Нашата врска оттогаш ја доби најслатката тежина да се грижиме еден за друг, да носиме избор и сплотено да стоиме исрпавени пред предизвиците, но не длабочината на врската да биде условена со два предмета.

 

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk