„ Пеглањето пелени и правењето смуди е моја работа“ интервју со Борис Каески

Го побарав на фејсбук во порака. Му кажав дека правиме серијал за „супер татковци“ и дека би сакала да ми одговори на неколку прашања. Прифати но ме откачи-пушти па до вечер ќе ти одговорам, морам да се исклучам, мијам садови. Со насмевка си потврдив дека Борис е одличен почеток на серијалот на Мама365 со кој имаме за цел да ги поттикнеме мажите да бидат партнери во домот и целосно да се вклучат во родителствувањето. Во продолжение разговор со Борис Каески, сопруг на Весна и татко на тригодишниот Максим!

Мама365: Познавајќи Ве уште пред да го добиете синот, имав чувство дека биолошката немоќ да носите дете во утробата и Вие да го донесете на свет ја надополнувавте преку различни активности кои Ве вклучуваа во целиот процес. Што се преземавте во периодот додека Вашата сопруга беше трудна? На кој начин и помагавте? И масиравте ли стапала? Готвевте?

Б.К. Земајќи в’предвид дека сум машко, и не помнам се’ во детали, она на што успевам да се сетам по мал напор е дека, излегував доцна во ноќта да купам што и да посака, нејзините нервози во врска со работата т.е. непоштедноста на надредената кон подредената бремена работничка ги чувствував и јас и сакав да одам да се расправам; во поодминатата бременост кога и’ беше тешко да стане од кревет, јас бев нејзиниот „кран“ кој ја крева, и, сакав да сум на самото породување да ме држи за рака и стиска колку и да ја боли, за да можам барем малку и јас да осетам од болката низ која поминува во тие мигови. За жал, не ме викнаа поради специфичниот, иако природен сепак неконвенционален, пород.

 

Мама365:  Не сте единствен, но сте еден од ретките кои улогата на татко не ја доживуваат како пасивен играч по дома кој чека ручек од сопругата и сака да се одмори неколку часа после работа. Како се поделени дома бврските околу Максим?

Б.К. Првиот месец, јас само „зуев“ наоколу, фотографирав (и тоа многу), гледав и учев од мојата мајка која помагаше, како и од сопругата, како и што да правам. Менувањето на пелени, миењето на газето итн, беа и моја задача, по мој избор, од самите почетоци. Откако е воведена и останата храна на страна од мајчиното млеко, и јас бев активно вклучен во готвењето на храната, и тоа по строги правила прописи. Искрено, готвев само намирници кои што ќе ми кажеше сопругата дека се во ред за неговата возраст, и успевав да зготвам три здрави оброка за 45 минути.  Пеглањето на неговите памучни пелени, шпикозни, бодија, итн итн, беше моја задача. Анимирањето, хранењето, успивањето, истотака. Искрено, мислам дека да имав гради за доење, ќе бев одлична мајка 😀

 

Мама365: Често знаете да се приклучите на социјалните мрежи и да споделите рецепт кој сте го приготвиле за Вашето тригодишно синче. Кој е Вашиот омилен оброк?

Б.К. Најчесто, за готвењето на оброкот, прво го прашуваме синчето што му се јаде, па доколку бара нешто што или го јадеше скоро или не е соодветно, самите решаваме што ќе му зготвиме. Јас лично, мислам дека најмногу сакам да му приготвам утринското смуди, со овошје, семиња, и сл., кое си го пиеме пред да го носам во градинка.

 

Мама365: Како одговарате на стереотипите и потсмевот дека тоа е „женска работа“?

Б.К. Искрено, таков коментар добив само на социјалната мрежа Фејсбук, и тоа од женска личност. Тоа ме поколеба да постирам и понатаму со ист интензитет на групата за здрава исхрана на децата, но тоа и понатаму го правам.

Мама365:  Годинава имавте нов предизвик, заминавте сами со синот на летување. Како поминавте?

Б.К. Обожувам да го поминувам времето со мојот син, и искрено, едвај чекав да одиме сами, само ние двајца  Бевме во Извдничкиот камп во Охрид, со шатор, и мислам дека иако водата беше ладна за синчето и негодуваше за бањање, сепак времето си го исполнивме со палење огaн на плажа, фаќање рипчиња во шише, возевме бродче на даљинско, заедно чистевме шаторот, дувавме душекот. Едноставно е кога детето сака да е вклучено во се’, макар тоа траело и подолго, сепак, никаде не брзавме. А на море, ме изненади со својата бестрашност да сам влегува подлабоко во водата, и несака да излезе од вода.

 

Мама365:  Споделувајќи фотографии и статуси на социјалните мрежи ги охрабрувате и останатите мажи да бидат партнери во домот и во одгледувањето на деца. Како го воспитувате синот?

Б.К. Мислам дека, новите генерации на татковци, сме малку посвесни за нашата улога во раниот развој на детето, и ја сфативме нашата улога малку посериозно. Барем такво чувство имам јас, од моето опкружување, или приметувајќи ги моите пријатели на социјалните мрежи. Не би рекол дека јас некого охрабрувам правејќи го сето тоа, затоа што нема потреба од тоа. Гледе статусите, и сето мое присуство на социјалните мрежи, е со идеја да знам дека сум се обидел да направам подобро општество за нашите деца. Постирајќи слики од разните активности со синот, се надевам дека укажувам на тоа дека многу малку е потребно за да ни’ е убаво, на сите, но недостига желба. Се надевам дека оние кои ме следат, ќе сфатат дека игнорирањето на проблемите, не значи дека не постојат, или не не’ засегаат, зашто ги гледаме на микро ниво, но на макро ниво, тие проблеми секојдевно ја загрозуваат иднината на нашите деца. Јаса сакам да создадам слика, сакам да се потрудам да свестам околината, дека ние ја носиме одговорноста за сите нас, а особено за иднината на нашите деца. Ако не за нив, за кого?
А синот, го воспитуваме по принципот „акција-реакција“ т.е. да знае дека секоја негова акција ќе предизвика реакција,убава, или лоша за него. Со други зборови и народски кажано, „Дај за да имаш“. Покрај тоа, со сите активности, сакам да дознае што се’ постои, и самиот да избере што го интересира.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk