„Петта година почнувам сама дома без Бранко“, интервју со презентерката на МТВ, Гордана Ѓорчева

Празниците се повод за радост, среќа, повод да се биде заедно со семејството. Болни се тогаш кога најмилите не се повеќе со нас. Презентерката на МТВ, Гордана Ѓорчева, петта Нова Година ќе ја дочека без својот партнер, актерот Бранко Ѓорчев. За празнината без сопругот, слободата за себе по пораснатата ќерка и значењето на празниците, зборува во интервју за Мама365.

Мама365: Со кого ја делите празничната трпеза?

Гордана Ѓорчева: Уште од малечка премногу им се радував на празниците, а посебно на Нова Година. Имав среќа да живеам во семејство во кое бев исполнета со многу љубов. Прославувањето на секој празник со семејството го практикувам во текот на целиот мој живот, затоа што за мене семејството и хармонијата во домот се најголемото богатство, и тоа е нешто што максимално ме исполнува.

 

Мама365: Животот Ви приреди тага кога одлучи прерано да го загубите сопругот. Кои прашања си ги поставувате додека гледате кон небото пред уште една Нова Година без Бранко?

Гордана Ѓорчева:  Уфф. Ова ми е најтешкото и најболно прашање. Оваа ќе ми биде петта Нова Година без Бранко, и петта година откако секој почеток на новата година го почнувам дома. Не сакам никаде да одам, едноставно немам желба. Искрено многу често гледам во небото, особено навечер кога ќе останам сама. Знаете, сите ние понекогаш мислиме само на себе, знаеме да бидеме и малку себични, и да си речеме: Зошто баш мене ова ми се случи? Зошто баш јас да ја изгубам љубовта на мојот живот? Каде згрешив? Но, прашањата кои јас најчесто си ги поставувам се: Зошто нас? Зошто него да му го одзема животот толку рано? Со што заслужи толку да се измачи? Зошто да не му се радува на животот, на љубовта, на секој нов ден? Зошто да не раздели толку рано, токму во периодот кога децата пораснаа и почнавме вистински да уживаме во животот? Зарем толку не заслуживме да бидеме среќни? Каде му згрешивме на Господ? Но, немам одговор и никогаш нема да го добијам. Единственото нешто во што наоѓам барем некаква утеха е дека сепак бев благословена да бидам бескрајно сакана и почитувана, и бескрајно да сакам. А тоа се случува само еднаш во животот. И секогаш кога ќе ја кренам главата нагоре кон небото ја изговарам оваа реченица: ,,Бранко знам дека ме гледаш. Чувај ме како што само ти знаеше да ме чуваш.“ И навистина верувам дека ме чува и дека секогаш ќе биде со мене.

 

Мама365: Велат, жената почнува повторно да се посветува на себеси тогаш кога децата ќе и пораснат. Сега кога Луција е голема девојка, како го трошиш времето?

Гордана Ѓорчева:  Да. Навистина е така. Луција има 26 години, успешно ги заврши студиите, вработена е и покрај себе има прекрасна личност. Кога бев млада ми беше чудно кога ќе ми речеа, среќен си само ако децата ти се среќни. Но, од денешен аспект знам дека биле во право.

Слободно можам да кажам дека јас сум пресреќна и горда мајка, затоа што сум успеала од Луција да создадам прекрасна личност, културна, воспитана, и девојка која ги спознава вистинските вредности: љубовта пред се, разбирањето, почитувањето… Мајка е најблагородниот епитет кој може да го носи секоја жена, но истовремено овој збор претставува и огромна одговорност, која за мене почна кога имав само 21 година. Навистина ми беше тешко толку млада да се справувам со сите предизвици и буквално се втурнав во нешто непознато. Но, од денешен аспект пресреќна сум што сум ја родила толку млада, затоа што сега во овој период од мојот живот, во мојата 47-ма година имам дури и премногу време да си се посветам на себе. И ми годи тоа што ќе бидам млада баба и ќе имам енергија да и помагам кога ќе реши да биде мајка.

 

Мама365: Што си посакуваш во 2018, што на најблиските и што на општеството?

Гордана Ѓорчева:  Откако поминав низ големо животно искушение, и откако сфатив дека здравјето не може да се купи со пари, единственото нешто што си го посакувам е само лично здравје, здравје на моето дете, и да мис е здрави и живи сите што ги сакам и ми значат во животот.
А на општеството и на сите што живееме во овие турбулентни времиња: Ве молам престанете да истурате гнев и омраза. Со тоа ништо не се постигнува, само се шири негативна енергија, која го труе нашиот организам.
Животот е многу краток и исполнете го со љубов и внатрешен мир.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk