По раѓањето го мразам својот сопруг

Објавено на: Jun 06, 2016 од Мама Кате

Мама Џенифер Легра отворено зборува за работите кои ги доживеале многу жени откако родиле бебе, но кои за тоа нерадо зборуваат…

Неколку месеци откако го добивме првото дете, мислата која ми се вртеше во глава, а која е врзана за мојот сопруг беше – дали погрешив? Дали беше погрешно што се омажив баш за него? Со други зборови, сè што тој правеше, можеше да се стави во две категории – иритирачки и страшно иритирачки. Со трети зборви – го мразев!
Кога се паркираше толку близу до другиот автомобил што едвај имаше простор јас да излезам од автомобилот, а камоли јас и детската количка – едноставо полудев!

Кога само што ќе завршев со доење, а тој по само 20 минути ќе се појави со уплаканото бебе и ќе ми каже “Мислам дека е повторно гладно” – едноставно полудував. Нахрани го тогаш ти! Сакав да врискам од толку што бев бесна.

Кога во ноќите спиеше во цврст сон, со отворена уста и хрчење кое беше толку гласно што не можеше да се спореди ни со плачењето кое доаѓаше од креветчето – го мразев. Толку многу, што неколку пати дојдов до искушение да то треснам по нос.
Сфаќам дека многу од овие работи воопшто не беа до него и дека тој всушност за ништо не беше крив. Исто така, свесна сум дека многу работи сама си ги имав умислено, но едноставно тогаш бев во таква состојба да направам злочин без грижа на совест.

Од друга страна, ништо подобро не реагираше ни тој. Дури и кога се обидував во некои ситуации сè да свртам на шега, тој ќе го сфатеше тоа на погрешен начин, во главно како напад. На ист начин се шегував со него и пред да го добиеме бебето, но повратните реакции не беа ни малку налик овие. Не можев да престанам да размислувам како и кога тргнавме по погрешен пат.

Тој не разбираше од каде доаѓа таквото мое однесување, ниту пак можеше. Набрзо после моето породување тој се врати на своите секојдневни активности, додека јас бев дома и се обидував да најдам начин како да се грижам за нашето дете и попатно да најдам и неколку минути за себе. Тој не можеше да сфати дека луксузот на туширање не значи само да останеш чист (иако имаше моменти кога и тоа не можев да го постигнам), туку дека навистина ми се потребни 15 минути да уживам во капењето, додека сум сама со себе. Така што кога ќе ме прекинеше извинувајќи се дека морал да влезе “само накратко по нужда”, јас веднаш се запрашував како можев да се омажам за него.

Многу луѓе ми кажуваа дека откако ќе станам мајка, ќе бидам исклучително исцрпена. Меѓутоа, никој не ме предупреди дека ќе го мразам својот сопруг. Никој не ми кажа дека ќе има моменти кога ќе посакам да го удрам. Така да, еве, јас да ви кажам: Можно е по породувањето на момент навистина да го мразите својот маж.

И верувајте, тоа е можно на секој да му се случи, без разлика на тоа колку се сакате и колку сте среќни. Тука не станува збор за тоа колку е вашата љубов силна и вашиот брак стабилен, туку за она што следува по раѓањето на бебето. Ова е сега мојата приказна, но може да биде и ваша. Сечија.

Сите оние работи на кои ми укажуваа постарите се апсолутно точни. Бев толку уморна што имаше денови кога заборавав дали сум се истуширала или не, а се случуваше некогаш да не ми биде грижа за тоа воопшто. И во целиот тој хаос, почнав да се чувствувам лошо. Не излегував од дома, а и кога ќе излезев, тоа беа некои 30 минути. Првиот пат кога излегов надвор се чувствував како Гремлин на сонце, како да сум сосема гола и како воопшто да не припаѓам тука. Не видов многу возрасни луѓе, така што немав пријателки кои ќе ми кажеа дека измислувам и дека всушност изгледам одлично. Можеби тоа мојот сопруг ми го говореше, но знаете дека тоа не се смета толку колку што кога ќе ви го каже жена. Хормоните во мене и понатаму подивуваа како на концерт на Принц во 80-тите, а целото мое внимание и љубов веќе не беа насочени кон сопругот, туку кон бебето.

И токму тогаш, кога се чувствував грозно, кога самата на себе си изгледав грозно, кога мојот сопруг беше единствената возрасна личност која ја гледав, кога тој беше мојата единствена врска со надворешниот свет и кога тој беше единствениот кој знаеше низ што минувам (што воедно го правеше мој најдобар пријател и најголем непријател), јас го мразев. Но, кого друг би мразела? Тој беше единствената личност која беше покрај мене во сите тие мигови.

А тогаш, еден ден, некако сè се врати во нормала. Се исчезна. Почнав да се чувствувам подобро и појасно да ги гледам работите. Мојот брак беше под знак прашалник со недели, можеби и месеци, а тогаш, еден ден, едноставно престанав да се прашувам. Одеднаш веќе не сакав да се муртам и да го удрам по нос додека спие, бидејќи ништо од тоа не беше врзано за нашиот брак и однос. Никогаш и не било. Во прашање била нова верзија од нас и новиот живот кој стана дел од нашиот.

Моите црни мисли за можни злочини, како и лудачкото однесување не беа одраз на нашиот однос. Тоа всушност беше дел од она што се случува кога од двајца станувате тројца, кога станувате семејство и кога се запознавате со новиот, поинаков живот, кој исто така многу брзо лудо ќе го засакате.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…