Породување на столче – нова пракса со стара традиција

Објавено на: Jun 24, 2016 од Мама Ане

Породувањето на столче е секојдневие во родилиштата во развиените земји. Иако е релативно нова пракса сепак всушност тоа е враќање кон минатото со еден современ пристап.

Вагиналното породување е најчест начин на раѓање, а столчето во процесот овозможува природна положба на родилката, положба која докажано го намалува интензитетот на болката.

Лежењето во кревет во текот на породувањето е против законите на гравитацијата.

На оние жени на кои бременоста им била уредна и се очекува уреден тек на самиот чин на породување, во многу родилишта им се нуди можност раѓањето да се одвива со помош на столче.

На столот родилката всушност го поминува само времето при крајот на породот. До тогаш, додека траат контракциите и се очекува максималното отворање на грлото на матката жената може да се движи нис просторијата, да легне, да седне на пилатес топка и сл.

Кога ќе се случи максималното отворање на грлото на матката започнува вториот дел од процесот на породување кога жената седнува на столчето и завзема положба која и одговара. Партнерот или акушерката ја поддржуваат родилката стоејќи позади неа, а лекарот е пред жената.

За време на породувањето добредојдени се топлите облоги на периналните мускули со што значително се зголемува еластичноста на мускулите. Лекарот го прифаќа новороденчето на истиот начин како и во случај на породување на бокс. Она што е поразлично е што напоните за истиснување на бебето не се толку интензивни, односно родилката треба повеќе внимание да обрне на дишењето дозволувајќи ја гравитацијата да го направи своето. Од друга страна, бебето со помал напор и без дополнителен притисок се спушта низ родилниот канал.

При овој начин на раѓање една од најголемите придобивки е намалениот ризик за спонтани пукања на ткивото околу родницата, односно помала веројатност за потребата од епизотомија.

Откако лекарот ќе го прифати новороденчето веднаш го положува на мајчините гради, а потоа се пристапува кон сечење на папочната врвка.

Во тој момент, столчето за раѓање престанува да биде помагало претворајќи се во престол на првата прегратка на мајката и нејзиното бебенце.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…