Поттикнете ги децата да танцуваат, така се развиваат физички и ментално

Дајте им простор, пуштете им музика и оставете ги креативно да ја потрошат својата енергија. Децата сакаат да танцуваат, а ако им покажете како, тие преку игра и физички и ментално ќе се развијат. За придобивките од танцот, за неговата улога во растот и развојот кај децата, разговаравме со Рисима Рисимкин.

Мама365: Секое дете уште од најмала возраст, штом ќе го развие слухот и ќе ја препознае музиката се обидува да танцува. Од колку години би препорачале децата да посетуваат часови по танц?

Р.Р. Децата можат да танцуваат од најмала возраст, но мора да постои прилагодена програма според нивната возраст. Рисимкин истражувачкиот центар работи со стручно обучен кадар. Кај нас наставата за креативен танц почнува од четиригодишна возраст, но ние имавме и програми за деца од две години. Таа програма се посетува со еден од родителите или старатели. Танцот е одлична можност за децата, тој им овозможува развој на креативноста и комуникацијата.

Мама365: Колку е важен танцот во развојот на децата? Во што помага?

Р.Р. Танцот ја ослободува енергијата на децата, ја поттикнува имагинацијата. Тој, кога се правилно усмерени, им помага во физичкиот развој, но и во развој на менталните способности, посебно во осознавање на телото и неговите можности. Нашите програми се специјално дизајнирани и поттикнуваат развој на креативност, координација, имагинативности и комуникација. Ние им помагаме на децата да се најдат себеси и да станат свесни за нивните можности.

Мама365: Што би требало родителите да очекуваат по посетување часови по танц по една година?

Р.Р. Доколку редовно се посетува програмата, децата за една година добиваат координација во движењата, дури и во одењето, тие стануваат покреативни, можат да научат како да ја усмерат и контролираат својата енергија. Тие преку годината настапуваат и се ослободуваат од првичните стравувања, доколку ги имаат, за настапи пред публика, со што им помагаме да развијат подобра комуникација. Ние како центар, не практикуваме натпревари, кај нас децата се развиваат во уметничка насока, посебно внимание обрнуваме на креативност, не само на компетативност. Сметаме дека малите деца треба да се поттикнуваат и да креираат, со што добиваат поголема самодоверба.

Мама365: Што е разликата помеѓу балет и модерен или креативен танц?

Р.Р. Класичниот балет е академска техника и води кон развој на балетска уметничка интерпретација. Таа се препрачува за изучување на возраст најмалку од девет години, бидејќи бара психофизичка подготвенст и зрелост. Таа има свој кодифициран вокабулар, која бара посебни физички кавлитетити.
Креативниот танц, кој РИЦ го дизајнираше и го промовираше како програма за деца од четири години нагоре, е програма во која децата го изучуваат односот на телото и просторот, учат координација, импровизација и се поттикнати на креативност. Програмата можат лесно да ја разберат, таа ги следи можностите на телото и им овозможува правилен физички развој, без посебно оптеретување и стресни ситуации.
Децата се развиваат низ радоста на танцот, преку игра и забава.

Мама365: Се рушат ли стереотипите дека танцот е дисциплина за девојчиња?

Р.Р. На некој начин да. Повеќе преку хип хоп танцот, кој е некако пригоден и за машките, но мислам се повеќе има деца кои јасно ја искажуваат љубовта кон танцувањето.

Мама365: Во последно време многу родители се одлучуваат нивното дете да посетува балет или танц како активност. Станува помодарство или расте свеста за придобивките?

Р.Р. Мислам дека се развива свеста. Ова е време во кое многу се зборува за здрав начин на живот, правилна исхрана и добро е што децата се занимаваат со физички активности. Се разбира уметноста на танцувањето бара посебен третман.

 

Мама365: Како човек чија професија, хоби и живот е танцот, во која колона би го сместиле- спорт, уметност, зависност?

Р.Р. Танцот е уметност, доколку така се сфати и третира. Кај нас програмата е во правец на уметнички развој на децата, посебно преку Школата на Скопје танцовиот театар која ја отворивме од оваа година, во која примаме талентирани деца од девет години нагоре, со можност за изучување на повеќе техники на танцување и посебен акцент на уметничкиот развој на детето.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk