„ Правосмукалката одамна е мој најдобар другар“ – Бојан Ѓуретановиќ, сопруг и татко на новото време

Тие се вредни и работливи. Не се срамат да помагаат на своите сопруги по дома, а уште помалку се срамат тоа јавно да го кажат. Партнери се во одржувањето на хигиената во домот и растењето на детето. Не се јавни личности, но се доволно важни за да бидат интервјуирани и да влијаат на растење на свеста, дека татковците на новото време се и партнери во домот!

Серијалот на „супер татко“ го продолжуваме во разговор со Бојан Ѓуретановиќ. Лично никогаш се немаме запознато, но неговата сопруга, Ана, фасцинирана од интервјуто на Борис Каески кој јавно зборува дека и помага на својата жена, посака да го сподели нивното убаво искуство на нашата интернет страница!

Мама365: Партнерите на новото време се многу повеќе од домаќини кои единствено придонесуваат за семејниот буџет. Како се поделени обврските во домот со Вашата партнерка?

Б.Ѓ. Па не ни се поделени баш обврските. Секој работи според тоа што може во дадената ситуација и околности. Брзо и рационално се договараме и воедно адаптираме. Ако не може Ане (сопругата) тогаш јас и обратно. На пример, еден од викенд деновите, обично во сабота, бидејки и онака сме зафатени со носење на нашиот син на тренинг (тренира успешно пливање), два пати дневно, го користиме за чистење. Таа брише прашина јас фаќам паравосмукалка(со неа сме одамна добри другари хаха). Инаку генерално, како што реков не ни се поделени домашните работи. Нормално, има работи кои не можам и не знам да ги работам. Пеглањето! И го препуштам тоа на мојата сопруга која е виртуоз со пеглата. Затоа пак машките работи се само мои. Инаку не знам… Ако треба после тренинг да се измијат реквизите, еден го прави тоа, другиот му спрема јадење на Никола (синот). Ако треба да се оди на лекар не сме обврзани да се чекаме еден со друг туку оди тој што може во дадениот момент. Итн…

Мама365: Доаѓањето на свет на детето е промена и за двајцата. Тогаш на мајката и треба дополнително повеќе помош и поддршка. Како вие ја поддржувавте во првите месеци по породувањето?

Б.Ѓ. Никола се роди многу мал, 33 гестациска недела 1кг. 700гр. Сериозен но, прекрасен предизвик на кој ретко кој останал рамнодушен. Тој период имав голем број работни обврски, но грижата и останатите обврски поврзани со него не ги запоставив. Од менување пелени и пресоблекување, преку подготвување на вештачкото млеко па до заспивање. Некогаш преморен, ќе дојдев дома а тој кога ќе ме видеше на врата целиот возбуден преташе да го земам и вриштеше од радост. Тоа е енергенсот кој како керозин на авион, ми даваше сила остатокот од денот да го поминам со него и да му се посветам. И денес не е поинаку, нормално сега е поголем а јас постар.

Мама365: Растењето на детето е обврска за двајцата родители. Која е Вашата омилена активност во текот на денот која ја правите со детето?

Б.Ѓ. Секој од нас си има свои мании па така и ние како семејство. Јас по спортот а сопругата по шетање и средби со другари и пријатели и продавници. Јас сакам првенствено да го носам на тренинг и по спортски натпревари, затоа што мислам дека спортот е важен животен навигатор и филозофија на размислување. Животот е со подеми и падови. Порази и победи. Мораш да научиш да живееш по тие правила. Додека со Ане е друга приказна. Тие двајца се тандем за трошење пари. Излегуваат на прошетка со 500 ден. а се враќаат со 1000 ден. потрошени. Чудо се!

Мама365: Како му се спротивставувате на секој оној кој ги поддржува стереотипите дека чистењето, пеглањето и чувањето деца е женска работа?

Б.Ѓ. Не се спротивставувам. Мислам дека до некаде тие стереотипи потекнуваат од околината и атмосферата во која си живеел и се дел од домашното воспитување. Нека живее кој како сака и како му е убаво. Од друга страна, можеби и за мене некои велат дека сум папучар.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk