„Празникот го почитувам во името на сите жени кои прават разлика за овој свет да биде подобро место за живеење“ интервју со Билјана Максимовска

За 8. март, мама365 избра интервју со една посебна дама. Во растењето и развивањето во жена, функционирала во неколку професии, од некои никогаш не се откажала и секогаш и секаде оставала траг. За многумина таа е познатиот лик од „ 99 Action “, за други- симпатичната Билјана од „Брза кујна“, за оние кои знаат-претседател на интернационалниот клуб на жени во Приштина. Нашиот избор е Билјана Максимовска. Преку содржината на ова интервју ја потврдува и тезата која ја одржува нашата интернет страница, дека жената е силна, неуморна, снаодлива и успешна!

Мама365: Велат телевизијата е магија од која ретко кој се откажал. Ти си лик кој магично ни се појавува па го снемува, но како ретко кој остануваш запаметена од публиката. На што се должи ваквата динамика? Каква е твојата релација со медиумите? Чувствуваш ли потреба да се појавиш па да здивнеш од екранот?

Билјана Максимовска: Клишето дека телевизијата е магија е точно. Во мојот случај исто, беше љубов на прв поглед и остана, прва љубов иако во меѓувреме професионално се надградував и развивав во водите на односите со јавноста, па така имав он офф епизоди со телевизијата. За камера сум подготвена во секое време и тоа не од суетни побуди, едноставно камерата ја буди другата во мене која ме движи динамично и брзо во секојдневието.
Во последните година и половина сум професионална “очајна домаќинка”. Се шегувам, нема ништо лошо да бидеш домаќинка во животот кога приоритетите се менуваат и животот го наложува тоа:)

 

Мама365: Сега функционираш на релација Македонија-Косово. Колку е тешко за една жена да ги спакува куферите на целото семејство и да гради дом далеку од дома?

Билјана Максимовска: Нашето семејство функционира во Косово, Приштина заради обврските на партнерот. Доаѓаме во Скопје по потреба, да си го видам семејството, пријателите, да одам на фризер, козметичар, забар, театар, концерт. Во светот мојата позиција е наречена trailing spouse, го следиш партнерот во своите професионални цели и придонесуваш за домот и семејството. Иако Приштина е блиску до Скопје и можеше поинаку да се организираме, неприфатливо беше за нас да бидеме викенд семејство, посебно што ќеркичката е мала, а и магијата и топлината на семејството е поинаква.
Така од „Брза кујна“ како мој последен ТВ ангажман станав брза домаќинка 🙂 И тоа е професија и напорна работа, верувајте.
Приштина се развива многу брзо, младите во Косово се многу прогресивни, позната ни е средината, како било каде на Балкан и ок е, полесно се адаптираме. Кога човек живее ваков живот и не знае каде и кога ќе патува и ќе се сели, најважно е домот и семејството да функционираат.
Не е лесно да се спакуваш и да си одиш, но јас сум тип на човек што прифаќа и бара предизвици и новини, стресот е голем за сите, но се навикнува човек.
За среќа тука сум ангажирана со волонтерска работа и сум претседател на интернационалниот клуб на жени во Приштина, клубот е мојата социјална и културолошка база, го истражуваме регионот, се дружиме, разменуваме искуства. www.iwcpr.org. Се надевам на професионална реализација од следната година, само во која форма или екран е тоа уште не е познато.

 

Мама365: Интервјуто го правиме непосредно пред денот на жената. Како го чувствуваш 8. март? Како ја воспитуваш сопствената ќерка во однос на овој празник?

Билјана Максимовска: Празникот го почитувам во името на сите жени кои направиле и прават разлика за овој свет да биде подобро место за живеење, а такви има многу, и тука и во светот. Ме потсетува на мојата мајка, моите учителки, наставнички, моите пријателки, роднини кои се херои на моето живеење од најрана возраст до сега. Уште запознавам инспиративни жени што го вртат светот и тоа ми дава инспирација дека и јас можам да најдам начин да го свртам својот свет или да направам разлика за себе и околината. Живееме во едно прилично феминистичко семејство, та улогата на жената била секогаш важна и истакната. Жената е се’, партнерка, пријателка, мајка, сестра, ќерка, шефица, готвачка, чистачка, мајсторка, докторка, директорка, претседателка, несопирлива и активна, еманципирана и слободна.
Ќерка ми ја воспитувам да ги почитува и цени луѓето, да биде јасна во тоа што го бара и сака од животот, да се чувствува слободна дека може да добие што сака со свој труд и намера. Токму денес и објаснував што значи 8. март и зошто се слави покажувајќи и слики од повеќе жени од светов и државава. Смешно ми е што е измешан концептот на славење и подарување, но дел е од нашите животи многу одамна и скромно и со почит го одбележуваме.
Во име на празникот посакувам многу повеќе жени во политиката, бизнисот, образованието и сите други столбови на општеството. Искрено верувам и убедена сум дека жените и тоа како МОЖАТ да направат што сакаат, такви примери имаме во Македонија и се чиста инспирација.

 

Мама365: 8. март најчесто е синоним за помалку или повеќе скапи подароци. Подаруваш ли? Очекуваш ли да ти подарат?

Билјана Максимовска: Подарувам симболично и тоа на најблиските и учителките на ќерка ми, заради благодарност што се’ прават за нашите деца. Мене концептот на 8.март ми е поинаков, не го славам. Подарок си барам, кога и да ми притреба нешто. Очекувам да ме почитуваат блиските и саканите. Подароците ми се најмалку важни иако паѓам и на најмало внимание. Сакам да помогнам и да ги мотивирам моите пријателки да бидат подобри за сами себе, не е лесно да си жена со многу обврски, дома, на работа и насекаде. Енергијата и емоциите што можеш да ги размениш како пријател, родител, ќерка, колешка и да направат разлика за другиот се најголемиот мој подарок.
Сепак сакам уште една орхидеја, не за друго, доста ги има сега околу и убави се, и тоа веќе го побарав, вон празникот. Може и ќе ја добијам за 8. март.

Во духот на денот на жената издвоив фотографии од жени кои имаат посебно место во мојот живот и кои се моја инспирација и мотивација. Моите жени се мои херои.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk