„ Роберт и Луна не дозволуваат да ми врне во душата“, интервју со Наташа Алексоска

Ја чекаме секоја вечер да ни каже дали ќе врне или ќе грее сонце, од неа ни зависи планот за како да се облечеме. Наташа Алексоска или за многумина Нате од Метео, во интервју за Мама365 открива дека честопати знае да ја следи желбата за дотерување иако однапред знае дека таа не е во согласност со временската прогноза. За нејзиното сонце-Луна и за нејзиниот заштитник од дожд во душата-Роберт зборува во овој текст.

Мама365: Дали некогаш си направила грешка во облекувањето, пример, да си премногу блечена на сонце или премалку на студ?

Наташа Алексоска: Ех, колку пати само да знаете. Дури е и смешно, по малку стресена од студ, со полесна облека од тоа што треба според временските услови, кога излегувам од работа, а мажот ми ме чека за одење, ме дочекува со прашање : Извинете вие сте од временска ?

 

Мама365: Дали ти бараат помош за прогноза за време за специјални настани?

Наташа Алексоска: Се разбира. За специјални, полуспецијални, како кој си ги доживува. Се случува често, да, од познати за семејни веселби, па колеги за викенд излети или дури и за летни одмори, до штабови на политичари за време на изборни кампањи. Се имало до сега.
Најинтересно ми е кога ќе ме прашаат и за саатница, дали во толку часот ќе врне : )))
Е, толку прецизна прогноза е навистина тешко да се даде, иако може да се прогнозира во кој дел од денот, час да се погоди, може во одредени ситуации, но сепак мала е веројатноста.

 

Мама365: Климатските промени ставија сериозен акцент на потребата од прогнозирање на времето. Дали кај нас доволно се обрнува внимание од потребата на оваа професија?

Наташа Алексоска: Секако дека се посветува големо внимание. И тоа од повеќе аспекти, од здравствени до безбедносни. Иако сум правник по професија, метеото ме окупира. Секојдневно се подготвувам, одвојувам добар дел од времето, ги следам графиките од кои ги толкувам атмосферските движења. А, соработката со УХМР и податоците што таа институција и вработените поединечно ги пласираат во нашата соработка ми даваат увид колку многу тие се подготвени и прецизни.
Сега со софистицирани методи на следење на временските промени, прогнозата е навистина точна.

 

Мама365: Имаш ли омилено годишно време?

Наташа Алексоска: Секое време има убавина. Есенските “милион“ нијанси на жолто мене ми будат нежност , романтика. А, има ли некој што не може да ја почуствува радоста на пролетта и шаренилото!?
Сепак, летото е мое време! Уживам во летните одмори со полн интензитет. Велат летото е синоним за дружење, а јас имам друштво што толку ме прави среќна, Луна и Роберт. Секогаш одиме сами и си поминувам незаборавно.
Остана зимата, нели !? Убава е, ама за неа како годишно време само толку! Но, зимата пак ми е посебно мила, поради роденденот на мојата Луна, поради Нова Година и духовната сила на Божик.

 

Мама365: Кое е твоето најголемо сонце?

Наташа Алексоска: Хе, „мајкиното сонце“ нема конкуренција. Грее, милува, срце ти гори. Луна е нашата месечинка со сончев сјај.
Преголеми се чувствата за да се делат со јавност.

 

Мама365: Каде се засолнуваш кога ти врне во душата?

Наташа Алексоска: Не ми врне. Сум го заборавила тоа чувство. Роберт и Луна не даваат ниту облак да ми се вгнезди,а не пак да заврне.
Јас сум жена и мајка, исполнета во тие улоги, а Роберт знае да ме доведе да се чувствувам како заљубена девојка.
Животот понекогаш носи и тага, е тогаш се засолнувам во неговата прегратка, тој е човек бункер.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk