Родители, носете ги децата во музеи

Зимата вообичаено е тешка и за децата и за родителите, ако се земе предвид дека активностите што може да се направат во овој период се ограничувачки поради ниските температури или променливото време. Мама365 ви нуди одлична идеја-однесете ги децата во музеј! Посетата на музеј ќе биде необична, едукативна и забавна, а вие истовремено ќе придонесете кон отварање на нови видици во фантазијата и погледите на вашето дете па дури и на вас самите. Во продолжение, разговаравме со кустос од Музејот за Современа уметност, Виолета Савевска, која со години едуцира цели генерации посетители во оваа институција. За можностите, придобивките, достапноста на музеите и активностите кои ги имаат децата таму во разговорот со Савевска.

Мама365: Значењето на културата, на националното богатство е чувство што се создава уште од најмала возраст. Колку се достапни но и интересни музеите особено за најмладите во нашето општетство?

Виолета Савевска: Во формирањето на личноста од најмала возраст, од особено значење е контактот со уметноста, музиката, литературата, односно со културата во сите нејзини појавни облици. Таа ја оплеменува, ја збогатува личноста и влијае врз нејзиното формитање и ширењето на видиците во насока на естетското, убавото и креативното.
Музеите кај нас се достапни, а особено се интересни заради изобилството на уметнички дела кои можат да се видат во нив. Секако тука се и архелошките артефакти, етнографскиот материјал историските документи, се во зависност од областа и периодот кој го опфаќа музејот преку својата дејност. Значи само треба да се има желба да се посетат, а со оглед на тоа дека се работи за најмладите треба некој да ги донесе. Дали тоа ќе бидат родителите, преку градинките или училиштата тие секогаш се посакувани и добредојдени.

 

Мама365: Која возраст е најсоодветна за посета на музеј?

Виолета Савевска: Мислам дека колку е порано толку е подобро. Се разбира дека тоа треба да биде возраст на која детето веќе започнува да ги разликува боите, формите, реагира и може да го доживее тоа што го гледа. Преку посетите и креативно-едукативни работилници кои ги организира Одделот за едукација при НУ Музеј на современата уметност, се случува, на големо задоволство, родителите да донесат деца од две или три години и тие сосема брзо и лесно го прифаќаат просторот во Музејот и практичната работа. Сепак најчесто тоа се деца опфатени преку предшколските институции – градинките на возраст од 5-6 години. Се разбира дека особено е важно и родителите да го поттикнуваат нивниот интерес и самите почесто да ги носат во посета на музеите. На тој начин родителите вложуваат во градењето на вистинска личност кај своето дете. Кога ќе се обединат сите чинители на овој процес тогаш заедно успеваме кај децата да ја поттикнеме љубовта кон уметноста, ги будиме креативноста, фантазијата и секако го негуваме талентот кај децата.

 

Мама365: Како се подготвува програмата за привлекување на посетители од најмала возраст? На кој начин се врши едукација?

Виолета Савевска: Едукацијата, преку различни активности, во НУ МСУ е присутна уште од неговото формирање, Со современи методи, програми и проекти наменети за повеќе целни групи, Одделот за едукација започнува во 90 –те години од 20 век. Од тогаш, па до денес, успешно се реализирани бројни проекти, прадавања и креативно едукативни работилници
Секоја година се подготвуваат и реализираат програмски но и вонпрограмски проекти, кои на децата и младите им овозможуваат допир со ликовната уметност преку делата на познати домашни и светски уметници и ги насочуваат кон истражување и креативно визуелно размислување. Секако, проектите се подготвуваат и осмислуваат според потребите и можностите на возраста која е застапена. Така, освен со децата од предшколска возраст, успешно реализираме многу проекти и креативно-едукативни работилници со деца и млади од основно и средно образование, а се разбира и со факултетите. Исто така, застапени се и други целни групи на пример возрасните кои покажуваат интерес за ваквиот начин на контак со уметноста и себеоткривањето.
Кога се работи за најмалита возраст, секако треба да се осмислат содржини и активности кои ќе го привлечат и задржат нивното внимание. Особено е важен начинот на кој ќе им се пристапи на децата, при што е од значење создавање чувство на пријатност и опуштеност, наспроти големиот простор во Музејот и делата од современата уметност кои се потешко разбирливи за нив. Секогаш е застапен принципот на интерактивност со цел да добијат информации, но и да стекнат самодоверба за да го изнесат своето мислење. А кога ќе дојде практичната активност тогаш се си доаѓа на свое место. Со неизмерна љубопитност, труд и креативност умеат да го извлечат најдоброто од себе, па често се изненадени од самите себе, а ги изненадуваат и возрасните. Инаку, преку проектите и креативно-едукативните работилници, тие откриваат нови и ги дополнуваат стекнатите сознанија за ликовните техники, работат со различен вид материјал, ја откриваат разликата помеѓу сликата и скулптурата, рециклираат отпад – од старото и грдото создаваат уметност и др.Понекогаш се застапени драмските импровизации танцот, па и музиката, а инспирацијата ја добиваат од сликите кои се пред нив. Тоа се прави со цел да им се покаже дека уметностите се испреплетуваат една со друга, се надополнуваат, произлегуваат една од друга. Воедно низ тој спознаен процес тие се збогатуваат духно и естетски, стекнуваат нови информации што е од особено значење за нивниот натамошен развиток како личности.
Значи, ако сакаме да сумираме, децата најнапред го посетуваат Музејот при што се запознаваат со него и со делата презентирани на изложбите, потоа се разговара за делата, боите, формите, за уметноста, се разбира од аспект на нивната возраст, за на крај да се нурнуваат во креативно творење. Со задоволство може да кажам дека секогаш прашуваат кога пак ќе дојдат затоа што убаво си поминале.

Мама365: Далеку ли се македонските музеи од светски познатите во кои илјадници деца копнеат по час плус поминат таму?

Виолета Савевска: Според богатството на уметнички дела и оригинални артефакти и сите други елементи, не би можело да се каже дека македонските музеи се премногу далеку т.е дека заостануваат зад светските. Можеби се разликуваме според условите и можностите кои тие ги нудат. За среќа имаме култура, уметност и национално богатство кое може да им го покажеме на младите генерации , но и да му го покажеме на светот. Се разбира имаме и стручен кадар, квалитетни едукативни проекти, но секогаш може да биде и подобро и поквалитетно. Мислам дека повеќе се работи за степенот на свеста за значењето на музејската едукацијата и тоа на сите нивоа, почнувајќи од институциите, образованието, средината во која живееме. Особено важни се родителите кои треба да стекнат навика децата да ги носат во музеите, а не тоа да биде семо преку градинката и училиштето. Исто така добро е и тие да се охрабрат заедно со своите деца да учествуваат во креативно- едукативни работилници. Кога ќе се постави добар темел се е полесно. Така се создавааат идните љубители на уметноста, посетители на музеите, а на одреден начин и идните творци на македонската уметничка сцена.
Од мое искуство, тоа би сакала да го потенцирам, неизмерливо е доживувањето исполнето со многу емоции, кога пред очи ти израснуваат генерации млади луѓе поминувајќи низ своето образование. Кога на тоа ќе се додаде дека некои од нив ,како професори во училиштата ги носат своите ученици во посета на Музејот на современата уметност и учествуваат во едукативни работилници, тогаш знаеш дека мисијата која ја има музејската едукацијата сепак е успешна.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk