„ Се каам што не и кажував секој ден колку ја сакам“, интервју со Панчо од ДНК

Колку и да не веруваш во Бог, тогаш кога ќе дознаеш дека член од семејството боледува од рак, го бараш под дрво и под камен за да се молиш да остане подолго дома! За болката, за загубата на неговата мајка, за секојдневната празнина, за љубовта и посветеноста раскажува Панчо во интервјуто на Мама365. Вели дека со лошата вест, се соочил со предизвикот да живее со шок, неверување, тага и лутина одеднаш.

„ Бев оптимист како и секогаш во животот, но потајно знаев дека ситуацијата е многу лоша па остана само да се молам на Бога што подолго да сме заедно. Имав многу бес во мене. Цел свет ми беше виновен и бев толку лут на Бога што сега се срамам и се каам заради тоа. Тогаш сфатив дека требаше повеќе да ја почитувам и секој ден да и кажувам дека ја сакам! Не сакав да останам сам на овој свет иако одсекогаш сум се снаоѓал сам, дури и сум ја издржувал мајка ми кога не работела, не за џабе велат дека ЕДНА Е МАЈКА! Ми недостига секој ден! Се би дал само да можам да поразговарам со неа и да ја гушкам бар еден час“, вели Панчо.

БОЛЕСТА НАПРЕДУВАЛА СО НЕВЕРОЈАТНА БРЗИНА

Панчо бил уплашен од сознанијата за инвазијата на таа болест. Колку и да знаеш дека е тешка, кога се случува далеку од тебе, ги сожалуваш луѓето но се фокусираш на сопствените проблеми. Кога ќе го доживееш на своја глава се е поинаку, вели пејачот на ДНК.
За него се било како во сон бидејќи болеста напредувала со неверојатна брзина.

„ Од денот на дијагнозата веднаш и препорачаа хемотерапија и не сакаа да ја оперираат бидејќи ракот бил инвазивен. Малку сум лут поради таквата одлука зашто можеби токму тоа ќе и го продолжеше животот. Не сакаше да прифати да ја однесам во болница во Турција и тоа беше голем проблем за мене. Ја гледаш како венее пред тебе и не си способен да помогнеш. А тоа е жената што ти дала живот и живеела само за тебе! Страшно! Сега ме лазат морници додека го пишувам ова…“

ВО БОРБАТА СО РАКОТ ПОВЕЌЕ СТРАДА ЗДРАВИОТ ОТКОЛКУ БОЛНИОТ

По лошата вест му било јасно дека тоа ќе биде долга и тешка битка. Кога челн од семејството боледува од рак, болно е целото семејство.

„ Јас на сите им велам дека повеќе страда здравиот отколку болниот. Јас и мајка ми живеевме сами откако знам за себе. Бевме тим и во добри и во лоши денови но и во пресудните моменти. Товарот падна целосно на мене-физички, психички и финансиски! Сестра ми која е мажена и моите веќе големи внуци помагаа многу, но како и секое семејство со секојдневни обврски не можеа нон-стоп да се со неа. Го користеа секој слободен момент за мајка ми! Ми беше тешко имајќи ја предвид мојата професија, требаше да пуштам музика, да пејам и да снимам спотови кога не ми беше до ништо. Сакав само да спијам, а кога ќе се разбудам, се да биде лош сон! Се се рефлектираше и врз моето здравје но за среќа сега сум добар!“

„НЕ МЕ ОСТАВАЈ, ШТО ЌЕ ПРАВАМ ЈАС БЕЗ ТЕБЕ“

Солзите се одраз на големата тага. Кога душата е тажна, тогаш тие се одговор на целата болка. Плачат и мажи и жени, плачат и млади и стари. Плачел и Панчо на смртната постела на неговата мајка.

„ Оптимист сум по природа, секогаш сум бил! За жал мајка ми не беше, а во тие периоди и таква болест, духот и одлучноста се многу важен фактор! Изгледа дека беше уморна од животот но не сакаше да ми признае за да не ме скрши. Беше голем човек и бескрајно сум горд на неа што ме израсна и воспита во човек каков што сум! На крај, во последните денови, кога се веќе мирисаше на неубавиот крај, ја фатив за рака додека бев кај неа во болница и за прв пат заплакав прашувајќи ја: Мамо, што ќе правам без тебе, те молам не ме оставај! Сме победиле многу работи заедно, знам дека ќе победиме и овојпат, нели сме тим? Таа само ме стисна за раката, ми се насмевна, онака мајчински како што само таа знаеше, секогаш смирено и позитивно и ми рече: Буци мој, па јас сум презадоволна од животот, доста ми е веќе, уморна сум! Горда сум на тебе и на сестра ти, среќна што имам вакви деца. Чувајте се вие, јас ќе се одморам и ќе ве гледам и чувам одозгора! Никогаш нема да се разделиме, секогаш ќе бидам со тебе, тоа ти го ветувам!
Кога ми го кажа тоа не сакав да биде така, но секој нејзин збор остави длабока трага и лузна во моето срце и душа! Излегов од болницата и само знам дека седев во автомобилот можеби еден час незнаејќи каде сум, дали сонувам или се е тоа јаве…“

МИ ОСТАВИ ДУПКА ВО ДУШАТА

Велат, човекот почнува да старее од денот кога ќе загуби родител. Старее и Панчо секој ден по смртта на неговата мајка. Старее од тага и празнина која му останала од денот кога го напуштила засекогаш.

„ На самиот погреб и сите денови пред и целиот тој период се држев многу јако. Дури на истиот ден откако ја закопавме вечерта пуштав музика и пеев. Не знам што е точно и како требало да правам, но знам дека кога умираше ја прашав дали сака да останам со неа, ми рече дека нема потреба и дека имало луѓе кои ме чекаат да ме видат, зашто јас сум бил одбран од Бога да го правам тоа. Паметам, му се јавив на мојот другар и пријател, постар брат-Бени Шаќири кој го загуби својот татко, зборувавме дали треба да настапам и колку е тоа етички или лудо. Паметам, тој ми рече само- Мали, се е индивидуално и секој прави како мисли дека треба. Ти одлучуваш, твое си е!
Искрено, сите трауми и тој психички напор ги почувствував 3-4 месеци откако станав свесен дека ја нема. Тогаш телото ми покажа слабост и излезе се што го собирав една ипол година во мене. Дури сега полека, полека доаѓа се на свое место но со огромна дупка и празнина во мојата душа, во мојот живот! Така и ќе остане се додека еден ден не ја сретнам повторно таму каде што е!“

ВО ТАГАТА ПО НЕГОВАТА МАЈКА НАПИШАЛ ПЕСНА

„ Откако почина не знаев што да направам. Напишав песна која се вика „Уште еден ден“ по која е насловен и нашиот последен албум за кого посакувам никогаш да немаше потреба да го издадам“.

По тешкиот период и целата голгота која ја поминал со неговата мајка, Панчо има само еден апел до сите читатели на Мама365:

„ Не сакам да глумам паметен. Знаеме и свесни сме дека за таа болест нема правила! Единствено останува превентивата. Затоа мој совет е сите мажи и жени да одат редовно на прегледи. Да избегнуваат стрес, да се хранат добро, да спортуваат барем три часа во неделата. И да бидам искрен, после се што поминав, сфатив дека најголемиот лек е среќата и љубовта која сите ние ја креираме. Сакајте се и верувајте во Бога! “

 

https://youtu.be/My-vWFVnk3c

 

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk