Се трудам да сум супер мајка, супер жена, а тоа значи и супер уморна, интервју со Сунчица Николоска

Новинарството е многу повеќе од професија, зависност за они кои сакаат да го работат тоа. Кога имате дома новинар, тогаш целото семејство ја има таа професија. Несвесно се претопувате во истражувач, ловец на камери и микрофони. Сунчица Николоска, новинарска и дневен уредник во информативната редакција на МТВ, за Мама365 зборува за семејството, нејзината улога како мајка и помошта од нејзината мајка и свекрвата.

 

Мама365: Велат, позади секоја успешна жена стојат две баби! Колку Вам Ви се најдоа бабите во растењето на двата сина за да можете да и се посветите на кариерата?

С.Н. Одгледувањето и воспитувањето на деца, стабилни брачни односи, следењето на сите работи кои се одвиваат во семејниот живот бара време и силни нерви. Без помош од бабите, но и од сопругот нема успешен баланс помеѓу кариерата и семејството. Трката по кариера ја забавив само додека бев на породилно отсуство, но не се откажав од неа. Дури и тогаш ми недостасуваше телевизиската магија, ми фалеа камерите, прилозите, интервјуата, репортажите. Со две мали деца, динамична и одговорна работа до некаде успевам да ги менаџирам обврските во домот. Семејството секогаш е на прво место, но се чи­ни де­ка се за­ви­си ка­ко ќе ги по­ста­ви­те ра­бо­ти­те и ка­ко ќе гле­да­те на нив. Децата ме мо­ти­ви­раат, да ја за­бр­за­м ра­бо­та­та, да бидам поефикасна, да нај­дам по­ква­ли­тет­но вре­ме за нив. Ако немав помош од мајка ми и свекрва ми, ќе ми беше многу потешко.

 

Мама365: Професијата може сериозно да го диктира времето поминато дома. Новинарството е една од „најкритичните“ на листата. Имате ли време за пишување домашни, за посета на активности со деца, за готвење?

С.Н. „Мамо, зошто сите мајки одат на работа, а ти во телевизија “- едно од многуте прашања кога ќе ги оставев дома и ќе заминев на снимање. Морам да признаам дека новинарството ми ги краде убавите моменти во семејството. Мајките добро знаат дека чувањето, одгледувањето и воспитувањето на децата не е така едноставно. Треба да си супер мајка, супер жена, но и супер уморна. Додека се помали, се е полесно, но кога ќе пораснат се зголемуваат обврските. На јазици, на математика или на пливање – постојано сме во трка со времето. Се обидувам секојдневниот хаос да го доведам во ред. Денот ми е краток. Покрај морето домашни обврски, малку време ми останува за помош околу учењето. И двајцата сами пишуваат домашни. Повеќе време им посветувам за викенд. Саботата ни е резервирана за учење и спорт, а неделата за шетање и разни активности. Боиме, правиме фигури со пластелин, се смееме на глас, се гушкаме. Ги поттурнувам домашните обрски за да им се посветам на моите најмили. Се обидувам да ги осознаам нивните светови и да им помогнам да се изградат како личности. Кога станува збор за исхраната, гледам на маса да имаат здрава храна. Исклучок правам за чоколадо.

 

Мама365: Кој Ви беше најтежок период во растењето на двата сина?

С.Н. Велат грижата за внуците го продолжува животот, но тоа не беше случај со мојата свекрва. Кога откривме дека боледува од канцер веќе беше доцна за каква било интервенција. Немавме време да сфатиме дека губиме драга личност. Почина многу брзо. Сите поминувавме низ тежок период, но најмногу нејзиното отсуство го почувствуваа Матеј и Кирил. Каде отиде баба, кога ќе се врати? – прашуваа по неколку пати во денот. Најтешко беше навечер кога Кирил не сакаше да заспие без неа. Беа навикнати денот да го поминуваат со баба Рада. Ги носеше во градинка, на прошетка во парк, заедно одеа и на пазар. Иако беа многу мали, често знаеа да ја пофалат и да и кажат дека прави најубави манџи и супи. Беше дефектолог по професија, умееше со сите деца. Поголемиот син Матеј го чуваше од бебе, но имаше голема желба и помалиот Кирил да го види како тргнува на училиште. Не напушти кога тој беше на четири годишна возраст. Кирил е сега прво одделение. Овој први септември многу ни недостигаше силната прегратката од баба, милите зборови и желби за многу, многу петки. Од неа ни остана и традицијата – истурање чаша со вода пред излегување од дома за добар почеток на учебната година.

 

Мама365: Сега, кога постариот полека тропа на портите на пубертетот, како се снаоѓате со објаснувањето на „срамните“ теми?

С.Н. Според мене најдобро е родителите да ја преземат улогата на информатор. Децата не треба да лутаат иако многу информации добиваат од околината и од социјалните мрежи. Матеј има 10 години. Веќе се соочуваме со оваа појава – микс на емоции и многу прашања. И двајцата со сопругот почнавме да му даваме обаснувања за деликатните теми, но и за физичките промени кои настануваат во текот на пубертетот. Во иднина како ќе растат и созреваат и двајцата синови, не очекуваат уште многу одговори на скокотливи прашања. Мислам дека доколку детето има добра подлога и стабилна основа од дома, доколку ги има вистинските информации и уште поважно довербата од родителите, не треба да му се ограничува начинот на дружба и комуникација која што ја носи времето.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk