„Се уште не сум ја надминала мојата неуспешна бременост“, интерју во Вики Чадиковска

Вики Чадиковска, новинар, радио-водител и лик кој го збогатува медиумскиот простор секогаш кога му фали насмевка. Ведра и расположена, во интервју за Мама365 отворено зборува и за работите кои ја „кршат“. За семејството како нејзин двигател, но и неуспешната бременост како непреболена желба зборува во овој текст.

Мама365: Ако мајчинството дава крилја на секоја жена, кој ти го пушта ветарот за висок лет?

Вики Чадиковска: Моето семејство. Сопругот и двете деца се мојата непресушна инспирација. Ветерот кој ме насочува да останам фокусирана и да се справам со сите животни предизвици. Љубовта е мојот адреналин.

Мама365: Насмеана и ведра, колку што си активна пред публиката, толку сликата е иста за тебе. Што те растажува? Што ти ја празни душата?

Вики Чадиковска: Ме растажуваат обичните работи, како и секој човек. Ме растажуваат детски солзи, тажни животни судбини. Јас сум многу емотивна по природа и лесно ме погодува сѐ. Душава ми се вознемирува кога ќе се болни моите деца. Но, ми се вознемирува и кога гледам боси дечиња на студ крај улици. Јас знам да се расплачам и кога ќе видам луѓе кои пребаруваат по контејнери.

Ме вознемируваат и неправди. За среќа, научив дека тие се лекција која е подобро да ја примиме. Секое лошо е за нешто добро, иако во моментот кога ни се случува, не можеме да го прифатиме тоа така едноставно.

Мама365: Кој е најтешкиот момент во животот за кој ти требало време да се кренеш на нозе?

Вики Чадиковска: Најтешкото со кое сум се соочила и за жал, некако сѐ уште не сум го надминала е мојата неуспешна бременост. Во тој период бевме под интензивен стрес. Многу ми е криво. Многу. Мислам дека сѐ уште ме боли, длабоко во душата. Во тој период, иако бев исплашена, поради сите ситуации со кои бевме соочени, некако бев пресреќна затоа што бев бремена. И децата беа пресреќни. Дарин и Деница беа воодушевени од идејата за новиот член во нашето семејство. Јас самата, некако сметав дека конечно завршил лошиот период во нашите животи. Тоа беше непосредно по трагедијата на Младенов. Некако после случувањата со А1, и овој немил настан, мислев дека оваа точка, мојата бременост, ќе биде светлината на промени, која толку многу ни требаше. За жал, не испадна така.

Мама365: Заедно со твојот брачен партнер сте ја вкусиле и горчината и медот на новинарската професија. Како го заштитувате детето од мааните на работата на мама и тато?

Вики Чадиковска: Не е лесно. Не можеш секогаш да ги заштитиш од сѐ. Пред некој ден ги споделив моите искуства од еден период полн со искушенија…

Генерално со децата настојуваме да бидеме отворени и искрени. Низ искрен дијалог се обидуваме да дебатираме. Секако, тој е соодветен на возраста. Никогаш не настојувам да ги плашиме. Сакаме да ги воспитуваме дека животот се состои од права и обврски, ако ги почитуваш, последиците ќе бидат добри и убави. Нема да се каат. Јас секако не очекувам ни моите деца да бидат безгрешни. Токму и тоа ми е дел од воспитниот систем. Сака да им прикажам дека и во тоа има поука. Настојувам да им кажам дека во животот има и убави и помалку убави работи, и насмевки, но и солзи. Тоа ќе го имаат и на своите работни позиции. Не ги форсираме во изборот. Сметам дека за сѐ во животот, без разлика колку и да е тешко, треба да се разговара отворено. Децата го знаат моето правило, секој проблем има решение.

Што се однесува до обврските кои одземаат многу време, морам да признаам дека засега имаме добра координација со сопругот и одлично се покриваме. Не дека не зачкрипело, ама малку адреналин на сите добро ни доаѓа. Мојот сопруг е прекрасен како татко и како партнер. Тој беше поуспешен од мене на пример во менувањето на пелени. Јас ги заспивав со песни или приказни. Тој е оној која ја дава слободата и крилјата, јас ги потсетувам на границите, бариерите. Добра екипа сме. Засега добро ни оди. Малку ни фали повеќе сон. Но, што е животот, ако го преспиеш: -)

Мама365: За што сонуваш?

Вики Чадиковска: Сонувам за обични нешта. Да бидеме слободни, да шетаме држејќи се за раце, да уживкаме покрај камин, додека надвор вее снег, да си кажуваме дека се сакаме од тука до небото, да го гледаме сонцето како се буди, или месечината како заоѓа, да шетаме крај Охридското езеро и да го слушаме јазикот на брановите… Јас сум многу едноставна и искрена. Сакам мали работи и искрено им се радувам.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk