„ Секогаш имаме многу желби, но често забораваме да живееме “, интервју со презентерката на МТВ, Маја Стојанова

Навикнати сме да ја гледаме сериозна и официјална, така и во приватниот живот, таа е принципиелна и стабилна, со голема желба да посети нови светски дестинации. Мама365 празнично со впечатливото лице од дневникот на МТВ, Маја Стојанова.

Мама365: Со кого Маја ќе ја краси новогодишната елка?
Маја Стојанова: Во последните неколку години моите внуци се задолжени за украсување на елката. Тие го направија и изборот на лампионите и на новогодишните украси. Јас,  тој ден сум задолжена за организирање на забавата и за набавка на грицки. Оваа година направивме диско забава.
Мама365: Празниците се повод за радост. Што го предизвикува ова чувство кај тебе?
Маја Стојанова: Новогодишните празници имаат посебна магија, знаат да ги збилижат луѓето. Не знам зошто, но во овој период луѓето сакаат да се сретнат со пријателите, дури и со оние за кои што немале многу време за средби во текот на годината што изминува. Тогаш се организираат и журките со колеги од работа, навистина, ова е еден од најинтересните периоди од годината. Но, за мене не е потребена празнична еуфорија за чувството на радост. Знам да се веселам и на обични, секојдневни моменти. Тие што ме познаваат знаат дека најмногу ме радуваат патувањата, но и дружбата со добрите пријатели.
Мама365: Медиумската работа бара жртвување, па често се случува новогодишните празници да се поминат пред камера. Како изгледа таквото славење? Ги сметаш ли изгубени овие празнувања?
Маја Стојанова: Медиумската работа, посебно работата пред камера е навистина специфична, бара одредени жртвувања. За нас не постојат празници или викенди, се работи дури и тогаш кога сите се слободни или празнуваат, честопати мораш да заборавиш на празнувањето на новогодишната ноќ. Со текот на времето се навикнуваш на ваквиот начин на живот, а ги навикнуваш и блиските, па сите се прилагодуваат на твојот распоред на работни денови. Но, никако не можам да кажам дека ова се изгубени денови или изгубени празнувања, особено ако си вљубен во својата работа. Освен тоа ние во дневно-информативната редакција сме како едно големо семејство, за празниците знаеме напорно да работиме, но и соодветно да прославиме. Тогаш сме посебно расположени, се случуваат и интересни моменти кои потоа долго се паметат.
Мама365: Што си посакуваш себеси за 2018, што посакуваш на најблиските, што на општеството?
Маја Стојанова: Ние луѓето секогаш имаме големи желби и барања, но го забраваме најважното, да уживаме во животот, да го живееме моментот. Морам да признаам дека имам големи очекувања од 2018 година, како приватно, така и професионално, си поставив неколку амбициозни планови, но сепак посакувам едноставни работи, да ме служи здравјето и да бидам опкружена со добри луѓе. Истото го посакувам и за моите најблиски, сакам да бидат среќни луѓе. Во општеството сакам да се случат големи и важни промени, најпрвин би сакала да се подигне нивото на свесност за сите општествени случувања во земјава, би сакала да се грижиме повеќе за животната средина, секој од нас да даде свој придонес во средување на хаосот во сообраќајот, секој да се потруди да биде професионалец во својата работа, но и да се подобри стандардот, сакам да гледам добри и среќни луѓе на улиците.
Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk