Секоја трудница слуша будалаштини околу себе

Објавено на: Jan 31, 2015 од Мама Кате

Секоја мајка може да се сети барем на една будалаштина која ја чула во текот на својата бременост. Во народната традиција постои склоност различни симптоми да се толкуваат како некакви судбински сигнали кои се однесеуваат на полот, здравјето и изгледот на детето.

Во секоја држава постојат ритуали кои се поврзани со бременоста, трудницата или нејзиното бебе. Меѓутоа на Балканот предничат суеверијата дека трудниците треба да го планираат секој свој чекор за да не направат нешто што би можело да го наруши здравјето на нероденото дете.

Кога некоја постара жена ќе види бремена жена таа веднаш и кажува список на работи кои не треба да ги прави, а тие жени подобро од гинекологот знаат дали станува збор за машко или женско дете и одат толку далеку што го предвидуваат и денот на породувањето. Ова се некои од најпознатите народни верувања поврзани за бремените жени.

Трудниците не треба да седат со прекрстени нозе бидејќи така го успоруваат растот на бебето. Ако пак, стомакот го носи ниско таа ќе се породи пред време, а ако стомакот и е тесен ќе роди син. Ако бремената жена добие акни и нејзиното лице се нагрди тогаш таа носи девојче, кое ја украло убавината на својата мајка.

Трудницата не смее да оди на сонце бидејќи бебето ќе се „свари“ во плодовата вода. Ако пак, бебето е машко, трудницата ќе се породи порано. Дококу бремената жена чувствува мачнини и киселини, значи дека бебето има многу коса, а доколку многу повраќа во време на бременоста ќе роди женско дете.

Исто така трудницата не смее да допира за телото кога ќе посака да пие кафе бидејќи бебето ќе има кафена дамка. Има и верување дека ако на бремената жена не и пречи да јаде јагнешко тогаш ќе добие машко дете, а оние кои се бремени со женско дете не можат да го поднесат јагнешкото. Не треба да јадат зајачко месо бидејќи бебето ќе спие со отворени очи.

За време на 40-те дена мајката не смее да се бања и да ја мие косата.

Ако бремената има „linea negra“ (темна линија) до папокот, носи женско дете, а ако линијата оди и над папокот тогаш носи машко дете.

Облеката на бебето не смее преку ноќ да се суши надвор бидејќи ќе собере уроци.

Трудницата не смее да ги прекрстува нозете бидејќи на бебето папочната врвка ќе му се обмота околу вратот. Кога трудницата ќе посака нешто да јаде, треба да ги подигне рацете во воздух, а ако види нешто грдо не смее да се фати за стомак бидејќи и бебето ќе биде грдо. Во случај да се фати за некој дел од телото на тоа место беебто ќе има дамка. Бебето ни случајно не смее да се постави пред огледало бидејќи нема никогаш да прозбори.

Ако некој фрли марамче на маса, трудницата треба да го подигне со една рака. Ако го подигне нежно со два прста ќе роди девојче, ако го зграби со цела рака ќе биде момче.

Исто така трудницата ако се смее многу бебето ќе биде весело, а ако е тажна, плачливо. Оној ден во неделата кога трудницата првпат е го почувствува бебето тоа е денот кога ќе се породи. На бебето не смее ништо да му се купува пред раѓање.

Кога трудницата ќе оди во породилиште треба да обмота црвен конец околу раката како и на бебето штом се роди, против уроци. Бремените жени не смеат да одат на гробишта, бидејќи ќе родат бледо дете. Кога бебето се води надвор алиштата треба да му се облечат наопаку да не го однесат вилите.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…