Шминката и дава сјај и самодоверба на жената, интервју со Марија Топалова- makeup artist

„ Секоја жена посветува внимание на својот изглед, се труди да изгледа убаво и да го најде она што ќе и помогне да го истакне најубавото на неа. Доколку не знаете од каде да почнете, нема подобар ментор од симболот за вечна убавина “ вели убавата Одри Хепберн.
За жена се освојувале кралства, се убивале илијадници луѓе, женската убавина е опеана во многу песни и од големи војсководци низ историјата.
Ив Сен Лоран вели- Најубавата шминка за една жена е страста.

Колку македонската жена е убава, дали сака да се шминка, каде ги прави најголемите грешки при шминкање? Мама365 разговараше со Марија Топалова, make up artist која секојдневно им прави задоволство на жените кога ќе си го погледнат сопственото лице во огледало.

Мама365: Секоја жена сака да биде убава. Својата убавина ја истакнуваат со шминка. Колку македонската жена бара помош од стручни лица?

М.Т. Не сум запознала грда жена. Не е клише, како мејк ап артист во секоја жена го гледам убавото. Пoнекогаш тоа се очите, кај некоја јаболкниците, долгото лице, устатата…навистина, секоја жена е убава. Шминката е таа која ја потенцираа таа убавина и има моќ да го скрие она што не треба да се види. Шминката и дава сјај и самодоверба на жената. Убавата жена е среќна жена! Македонската жена сака да се шминка и затоа најголемиот  број жени секојдневно ја практикуваат, но се почесто се бара помош и од професионалци. Бараат и совети како сами да го прават тоа што им се допаѓа. Шминкерите никогаш немале повеќе работа од сега. Се множат со брзина на светлината, но секој го наоѓа своето место под сонцето.

Мама365: Повеќе сакаат да се шминкаат помладите или жените во средни или одминати години?

М.Т. Навистина нема разлика. Подеднакво сакаат да се шминкаат и помладите и повозрасните. Разликата е во она што го бараат, помладите вообичаено бараат поатрактивна, понагласена шминка, додека повозрасните-поумерена. Но повторно ќе речам, се е индивидуално и нема правила.

Мама365: Кога се шминкаат сами, каде дамите најмногу грешат?

М.Т. Грешки се прават често. Некогаш од брзање, некогаш од незнаење. Најчесто забележувам за лошата апликација на туш на очи или лошо нанесеното руменило. Секоја грешка се познава на ликот, бидејќи шминкањето е уметност! Она што ме радува е што моите добронамерни сугестии секогаш биле добредојдени и добро прифатени.

Мама365: Има ли во Македонија убава козметика? Имаат ли буџет македонките да користат квалитетна козметика?

М.Т. Во Македонија се продаваат речиси сите светски козметички бреднови. Многу често знаат да ме прашаат-оригинал се овие кај нас или не? Јас велам дека нема место за сомнеж. Квалитетната козметика е квалитетна и нашата жена се почесто го препознава тоа. Некои повеќе, некои помалку, но расте бројот на жени кои наместо пет работи од пазар, ќе купат една брендирана и повеќе ќе заштедат. Младите се подготвени да потрошат и многу пари само за да го постигнат она што го виделе на инстаграм, кој, да признаам им е главен водич за шминка.

Мама365: Кои се штетите кои можат да се нанесат со користење на лоша козметика? Остануваат ли трајни последици?

М.Т. Не е исто дали ќе купите брендирана облека или брендирана козметика. Она што ќе го ставите на вашето лице секако ќе даде резултат, а тоа е или нагласена убавина, или акни, лишаи, брчки од сувост и слично. Користењето на квалитетна козметика која и одговара на вашата кожа е и пола здравје! Не смеете да ризикувате со тоа, зашто лицето е вашиот репрезент за цел живот! Во него мора да се вложува!

Мојот апел е никогаш да не се штеди на убава козметика, а секогаш кога ќе се забележи и најмал проблем-веднаш да се побара помош од дерматолог!

Мама365: Претпоставувам секој убав збор значи ветар во едра во работата. Сте имале ли моменти кога клиентката била незадоволна? Што се случува тогаш?

М.Т. Шминкањето е уметност по вкус, а за вкусови не се дискутира, моја задача е да ја исполнам желбата на клиентката! Пред секое седнување на моето столче имам разговор, кои се барањата и замислите, давам сугестии, прашувам, подпрашувам…и, седнуваме. Тогаш огледалото го тргам на страна, а работата трае се додека не ја забележам насмевката на клиентката како резултат на задоволство од крајниот резултат.

Ми се случило да избришам целосно направена шминка и да почнам од почеток. Ретки се тие случаи, но моја работа е клиентот да биде задоволен и повторно да им се врати на моите четки!

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk