Со детето зборувам како со возрасен човек, интервју со Ана Јовковска

Смирена а бунтовна, борбена за сите неправди, почитува сечиј избор и им се спротивставува на стереотипите. Разговорот со нејзе секогаш ја буди скриената страна во нас. За односот сопруг-сопруга, за воспитувањето дете, за трендовите на социјалните мрежи, Мама365 направи интервју со Ана Јовсковска, новинарка, авторка и активистка. 

Мама365: Луѓето ве препознаваат по многу медиумски проекти. Вие сте лик кој порасна и созреа пред ТВ екраните. Еден од најпознатите е емисијата „Пулс“ за која и самата велите дека е ментална гимнастика. Од неодамна се реализиравте како мајка, а ТВ ангажманите ги ставивте настрана посветувајќи се на пишувањето книги и пишување во списание. Каде и како ја тренирате Вашата ментална гимнастика?

А.Ј. Нема зима и лошо време за ментална гимнастика за луѓе кои сакаат да размислуваат со своја глава, да преиспитуваат и да создаваат вредности. Ти требаат само цврсти чизми 🙂 со коишто решително ќе чекориш кон промени. Јас така си ја сфаќам својата мисија, и затоа не губам време на работи кои одржуваат општествено статус кво. За среќа имам професија која овозможува континуирано спиритуално и интелектуално растење, само треба да не бидеш мрзлив и да бидеш љубопитен. Работам на различни проекти (конференции, трибини, дебати…) кои третираат културно-социјални теми поврзани со медиуми, слобода на говор, човекови права, родови програми, уметност, филм, насилство… како и ПР, разни комуникациски стратегии во областа на креативните индустрии. Во магазинот „Портрет“ пишувам веќе две години како надворешен соработник. Пишувачката кондиција периодов ја одржувам и со мојата нова книга, за која сеуште е рано да откријам повеќе.

Мама365: Велат-човек има обврски толку колку што сам ќе си наметне. По добивањето на нова животна улога, жената се чини ја доживува најголемата промена. Но Вие сте позната по тоа што им пркосите на стереотипите. Како ги делите домашните и обврските околу синот со Вашиот партнер?

А.Ј. Ќе бидам искрена, јас сум од оние жени што често си наметнува повеќе обврски од што треба. Тоа не е за фалење, тоа е мојата нишка на „контрол фрик“. Имам доверба во луѓето, но сакам да сум вклучена во целиот процес. Свесна сум дека на долги стази тоа исцрпува, па откако имам дете, се учам да ја прераспределам енергијата на она што ми се приоритети. Бебето или работата никогаш не трпат, но затоа данокот го зема мојот сон и времето за релаксација. Верувам дека сите мајки кои не сакале да се откажат од својата кариера поминуваат низ слична животна фаза. Жртвите се големи, па затоа тука е на потег законот којшто треба да ја заштити жената со разни мерки, како можност за флексибилно работно време, користење на породилно отсусутво кај таткото и слично. Стереотипите во родов контекст – мама пере, пегла, чисти и чува дете, а тато чита весник и гледа телевизија, ги буткам колку што можам. Понекогаш ми успева и имам големо разбирање од партнерот/сопругот, па тој е вклучен во дел од домашните обврски и обврските околу бебето, а некогаш си мислам дека мојот феминизам функционира само на јавна сцена. Не е лесно да се оди против закоравените конзервативни сфаќања на средината, но родовата борба за еднаквост се води секој ден и од секое ќоше. За среќа имам партнер со прогресивен поглед и пред се човек кој го почитува туѓото време и слобода. Неговата љубов ми е голема поддршка во се што правам. Двете баби на нашето дете, мојата мајка и свекрва, се исто така силни жени од кои зрачи солидарност. Од нив никогаш не добив прекор за тоа што одлучив да не земам класично породилно отсуство и што почнав да работам веднаш по породувањето, се разбира не со исто темпо како претходно. Тоа го правев од дома, во часовите додека бебето спиеше, па на блиските околку мене им задавав секирации дали ќе можам да го издржам товарот на работата во тој специфичен период. Но, тоа не ме направи помалку посветена мајка, туку жена која имаше можност и во најмакотрпните бебешки денови да биде смирена, позитивна и барем малку да размислува и за други работи, освен за пелени и млекце. Ова не го кажувам за да се фалам, туку да ги охрабрам жените кои сакаат да го вклучат повеќе својот партнер во подигнувањето на бебето во мало човече, а и да ги поттикнам законодавците да направат чекор во можноста и мотивирањето на татковците активно да земаат и користат породилно отсуство. Првите четири месеци откако ни се роди нашиот мал ангел, мојот сопруг не работеше, беше дома заедно со мене и со бебето и тоа е неверојатна приодобивка во создавањето на близина меѓу детето и таткото. Мојот татко е исто така феминист и секогаш ме воспитуваше да го следам својот сон, да не се загубам меѓу шпоретот и бањата. Голема помош имам и од него – најсреќниот дедо на светот. А, женската солидарност, онаа што ја спомнав погоре, мајки-свекрви, се уште е најсилниот столб на којшто можеш да се потпреш во секое време.

Мама365: Не следите трендови, особено не оние според кои споделувањето на фотографии на социјалните мрежи со семејството и детето ја покажува на светот љубовта која ја давате. На тој начин сакате да се заштитите или…?

А.Ј. Сега прочитав дека во Италија носат закон кој ќе го регулира споделувањето на фотографии на деца на социјалните мрежи. Од тој аспект, ја почитувам и заштитувам приватноста на моето дете. За ова особено се заложи мојот партнер. И навистина, кога објавувам фотографии со детето, тоа е е од агол од кој ликот му останува непознат. Во оваа година само еднаш го имам објавено кадешто му се гледа ликот. Анонимноста е сериозно право, а не дека не ми е мерак, но, не би сакала медиуми и портали да го објавуваат, само затоа што неговата мајка е јавна личност.

Мама365: Интервјуирајќи јавни личности и особено политичари, секогаш знаете да ја извлечете суштината од нив, а тоа да не е стандардната тематика за која тие зборуваат. Успевате да ги внесете во една друга несекојдневна зона во која очигледно се чувствуваат покомфорно. Како ја обезбедувате Вашата комфорна зона? Каде го засолнувате својот син и како правите да се чувствува убаво?

А.Ј. Домот е мојата комфорна зона, а ако цел свет ти е дом тогаш… (се смее) Често сме во природа, оти природата е всушност нашиот примарен дом, од кои современите луѓе се оттуѓиле. Моето дете сакам да го научам да биде близок со природата, па затоа надвор го остававме да лази на трева, да си игра со дрвцата во паркот, да се прпелка во песок, а сега откако прооди да истражува се што е на негов дофат. Летево бевме два месеци надвор од Скопје. Работата ми го дозволи тој луксуз да можам да работам покрај езеро, од планина и од море.

Мама365: За што зборувате со него? Што му читате? Како го воспитувате?

А.Ј. Иако има само една година, со него зборувам како со возрасен човек. Така правам откако се роди. Му зборував понекогаш и додека беше во мојот стомак 🙂 Му пуштаме музика која ние си ја слушаме, а не исклучиво детски песнички. Му ја развиваме желбата за танцување и тој обожава да фаќа ритам. Така се развиваат и некои синапси во мозокот. Му читаме, но за сега ништо не му држи внимание повеќе од 30 секунди 🙂 Малечок е се уште, но сметам дека она што му се чита треба да има добра порака. Проблематично ми е каква е меинстрим литературата за деца кај нас. Во никој случај не би му читала приказни со војници, со тепање и со физичка борба. Концептот за борба може да го научи и преку моралните вредности на пример. А најважно ми е да научи да дели, да сака, да гушка (тоа веќе редовно го прави 🙂 да биде солидарен, да не дискриминира…

Мама365: Љубител сте на животни. Се борите за нивните права. Бунтовна сте кога се во прашање и сите останати маргинализирани заедници. Што му недостасува повеќе на нашето општество – љубов или храброст?

А.Ј. И двете! Луѓето кои се полни со љубов се сигурни и храбри луѓе. Неодамна пишував колумна токму на оваа тема. Ете ме погодивте со прашањето за крајот на разговоров. 🙂

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk