Спокој за себе и чист воздух за сите сакаат познатите во 2018 година

Мама365 во екот на новогодишната еуфорија, направи интервју со неколку познати лица во Македонија. Ги издвојуваме нивните желби и цели за во 2018 година.

Ели Пешева-директорка за комуникации во маркетинг агенцијата „Њу Момент“

Ние како семејство многу патуваме заедно, најчесто одиме на локации на кои претходно не сме биле, сакаме да ги запознаваме историјата и традицијата на државите и градовите во кои одиме, шетаме пешки или одиме исклучиво со јавен траснпорт со цел подобро да го почуствуваме духот на државата и расположението на градот. Токму затоа, сите активности со кои “буткаме раце” со властите во Македонија е да стигнеме до моментот, кога на нашите деца ќе им гарантираме дека живеат во нормална, чиста и здрава држава, во која приоритетите се подредени како што личи на современа држава во 21 век, во која животот, здравјето и удобноста на граѓаните, ќе може да се споредува со која било високо развиена западно европска земја во кои сме биле и сме виделе како функционира граѓански ориентирано општество. Како стануваат поголеми и позрели, како се повеќе го запознаваат животот и неправдите, така полека почнуваат да градат став за општествените случувања и така нас како родители почнува да не стега срцето дека децата ќе сакаат да си заминат од Македонија, не затоа што не ја сакаат својата држава, туку затоа што едноставно не можат да излезат на крај со локалниот менталитет. Же бараат и и ќе очекуваат квалитет на живот каков што можеле да видат и искусат патувајќи низ светот. Мојата лична борба како родител е тие да го добијат најдоброто можно образование, да го запознаат светот и неговите силни и слаби страни, но да останат во својата матична држава, при тоа имајќи можност за убав, позитивен и квалитетен живот дома.

 

Маја Стојанова-презентерка во МТВ

Ние луѓето секогаш имаме големи желби и барања, но го забраваме најважното, да уживаме во животот, да го живееме моментот. Морам да признаам дека имам големи очекувања од 2018 година, како приватно, така и професионално, си поставив неколку амбициозни планови, но сепак посакувам едноставни работи, да ме служи здравјето и да бидам опкружена со добри луѓе. Истото го посакувам и за моите најблиски, сакам да бидат среќни луѓе. Во општеството сакам да се случат големи и важни промени, најпрвин би сакала да се подигне нивото на свесност за сите општествени случувања во земјава, би сакала да се грижиме повеќе за животната средина, секој од нас да даде свој придонес во средување на хаосот во сообраќајот, секој да се потруди да биде професионалец во својата работа, но и да се подобри стандардот, сакам да гледам добри и среќни луѓе на улиците.

 

Елена Стефановска-водителка

За мене секоја Нова година, претставува нов почеток, нова шанса за предизвици и цели. Оваа 2017-та година ја завршувам со нов проект „Живот со стил“ – talk show на кое сум посебно горда. Па без размислување ќе кажам дека предизвикот за следната година ми е да заокружам уште една успешна сезона.

 

Гордана Ѓорчева-Презентерка во МТВ

Откако поминав низ големо животно искушение, и откако сфатив дека здравјето не може да се купи со пари, единственото нешто што си го посакувам е само лично здравје, здравје на моето дете, и да мис е здрави и живи сите што ги сакам и ми значат во животот.
А на општеството и на сите што живееме во овие турбулентни времиња: Ве молам престанете да истурате гнев и омраза. Со тоа ништо не се постигнува, само се шири негативна енергија, која го труе нашиот организам.
Животот е многу краток и исполнете го со љубов и внатрешен мир.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk