Турунџиева: Ги учам ќерките да бидат храбри жени, не плачки

Животот е приказна. Нечија-тажна, друга пак среќна. Всушност и во едната и во другата има помалку или повеќе од двата елемента. Солзи и насмевки, тие се негов составен дел. Колку е тешко да се кренете при семејна загуба? Колку треба да сте силен за да поднесете такви загуби неколку пати во животот? Колку треба да сте борец за да растете две деца сама? Сузана Турунџиева за мама365 зборува за нејзините падови и лекови.

Мама365: Жена со отворено срце и емоции на тацна. Со публиката и пријателите и во радост и во тага. Кој ви го дава ветерот во едра и тогаш кога има олуја?

Сузана Турунџиева: Претпочитам да бидам искрена, отворена, едноставна и блиска со мојата публика и со сите оние со кои комуницирам на било кое ниво. Не правам фама околу себе и се што чувствувам, доживувам и размислувам го кажувам и пишувам без разлика дали некому тоа му е симпатично да го чита или не. Не паметам дека некогаш во мојот живот, небото било чисто, без облаци и олуји. Бурите и невремињата ме следат целиот мој живот, но стекнав имунитет, и ведрото, мирно небо дури на моменти ме плаши и вознемирува.

 

Мама365: Првата ќерка практично ја израснавте сама. Кога го најдовте своето љубовно гнездо, другата половина која ви го состави срцето и од неа добивте плод-тогаш животот повторно ви зададе удар. Како ја доживеавте смртта на вашиот сопруг? Како им соопштивте на вашите деца дека Маријан починал?

Сузана Турунџиева: Веројатно се се случува со некаква причина. И солзите, и насмевите и среќата и загубата се составен дел од многу човечи судбини, не само во мојата. Јас смртта на блиските ја почувствував уште многу млада, пред 24 години, кога го изгубив татко ми, потоа брат ми, на своите 36 години… За жал, животот не ме штедеше и немилосрдно ме тестираше колку можам да поднесам. Моите деца беа дел од сите тие немили состојби во кои немавме ниту време, ниту можност да се подготвиме, прилагодиме. Никому не му посакувам да се најде во ситуации како јас, ние, но ете, животот не те гали милува, немаш генерална проба за ништо…

 

Мама365: Да се кренете на нозе и да бидете столб на семејството. Како се прави сето тоа после голема тага?

Сузана Турунџиева: За жал не постои тоа време кое лечи се, а јас неколку пати во тоа се уверив. Ниту пак има грејс период во кој треба да „одболедуваш“ или надминеш некој тежок период. Мене животот ме престори во воин, кој нема право на слабост, повлекување или одлагање. Ме фрли во најсурови битки со секојдневието, со обврските и должностите кои се зголемија и удвостручија, ми го замрзна стравот, ми ги отупе сетилата и ме постави на уште пожестоко бојно поле, каде секојдневно сум исправена во првите борбени линии, брз право на повлекување и предавање.

 

Мама365: Ве дефинираат како борбена жена. Колку е реално тешко сама да растете деца?

Сузана Турунџиева: И тешко, и одговорно, но и многу убаво е од друга страна. Борбеноста ни е наследна особина нам, на жените Турунџиеви. Карма ли е или не, незнам. Имам од кого да учам и горда сум што сум ќерка на една силна и борбена жена (како мајка ми Блага) која ја отсликав во мојот втор автобиографски роман „Животот не е бајка“.

 

Мама365: Музиката и пишувањето книги, ве лечат и ви помагаат да се опоравите или тагуваат со вас?

Сузана Турунџиева: Тие се дел од мене, од моето утро и ноќ. Музиката е моја прва љубов, јазик на кој најдобро се изразувам и „гориво“ на кое функционирам. А пишувањето е страст, пасија и авантура во која со многу љубов се впуштив пред неколку години, кога сфатив дека целата таа приказна околу пишувањето силно ме маѓепсала. Горда сум на моите 10 книги, и на илјадниците читатели ширум светот, кои ми се ветер во грбот.

 

Мама365: Што ги учите вашите ќерки? Кој е вашиот совет за нив?

Сузана Турунџиева: Како и секоја мајка, ги учам на основните животни вредности. На тоа дека животот не е црвен килим послан со рози, туку дека некогаш тој е патека полна со трње, по која треба храбро да изодиш. Ги учам да не бидат плачки, и да не се повлекуваат, бидејќи на светот нема да му биде гајле за нивните солзи. Да бидат свои, достоинствени, чесни и исполнителни. Да учат јазици, да патуваат и сонуваат и да не дозволат никој да им ги скрши соништата.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk