„Утринското пешачење до училиште ни го направи односот со ќерка ми Илина посебен“, интервју со Драган Николовски

Односот татко-ќерка е посебен. Не е секогаш позната причината за ваквата релација, но по дефиниција, врската е специфична и многу блиска. За тоа како растела Илина во девојка, а Драган во татко, како созревале и како секојдневно се запознавале еден со друг раскажува спортскиот новинар од МТВ, Николовски.

Ќерките се обично татини мази. Што го прави вашиот однос со Илина посебен?

Ниту Илина е размазена, ниту ние како родители сме ја „распекмезиле“, но признавам дека меѓу неа и мене постои некоја посебна релација уште од најмалите денови. Јас сум можеби построгиот, но помалку импулсивниот и потрпеливиот дома, па веројатно оттаму произлегуваше и личниот однос којшто го градевме. Сега веќе е голема, седмоодделенка, но дури неодамна сфатив дека голем удел во специфичниот однос којшто го негуваме, имаа оние десетина минути коишто секое утро го имавме само за нас, пешачејќи кон училиштето, во периодот кога одеше од прво до шесто одделение. Раното будење тогаш најчесто тешко ми паѓаше, но сепак сум благодарен што низ тој наш мал ритуал на утрински разговори низ „детската улица“во Ново Лисиче, подобро ја запознавав и успевав да разберам за детали од нејзиното растење коишто можеби ми бегаа низ ритамот на секојдневието. Бескрајно се почитуваме, а таа знае дека мене може да ми се обрати за се за што можеби избегнува да ја оптоварува мајка и. Иако е се уште само дете, на неа гледам како на многу позрела девојка и се гордеам со неа.

Како се снаоѓате со женскиот пубертет?

Па, сега полека чукаме на вратата на пубертетот. Претстојат бурните деново во коишто детството ќе останува во спомените, а сите заедно ќе се соочуваме со нови предизвици. Овие времиња се сосема поинакви од оние кога ние бевме на возраст од 12-13 години, па не знам колку искуствата низ коишто сме минувале ние и нашите родители сега ќе ни бидат од помош. Сепак, знаејќи колку лесно и досега се разбираме со Илина дури и за најневралгични нешта, уверен сум дека нема да имаме проблематични ситуации..

Како го надоместувате изгубеното време со семејството кога сте на подолго патување поради работни обврски?

Уште од кога беше малечка, на секое патување ме испраќа со: „Што ќе ми купиш?“ Некогаш тие наивни зборови беа само израз на искрена детска желба што побрзо да се вратам, но ги задрживме како една традиција и сега кога Илина е веќе многу поголема. Моите отсуства, колку што можеме, ги скратуваме користејќи ги придобивките на интернет-технологијата, иако знае одвреме-навреме да ми „префрли“ што, на пример, минатото лето цел месец бев во Париз (на ЕП во фудбал 2016). Наполно ја разбирам што и денес и нетрпение го чека секое мое враќање, се разбира, не поради подароците, коишто никако не ги прескокнувам, туку заради што поскоро да ја пополниме празнината којашто и двајцата ја чувствуваме кога сме разделени макар само на неколку дена.

Губи ли глас спортскиот коментатор меѓу две жени дома?

Понекогаш да. Поради професијата можеби изгледам како човек којшто постојано нешто зборува, настојува да се истакнува или инсистира барем да го има последниот збор, но во приватниот живот најчесто ги почитувам гласот и изборот на двете дами. Не дека се мнозинство, туку дека признавам дека многу често тие се во право. А во онаа, другата смисла, гласот не го губам меѓу двете жени коишто се поговорливи од мене, бидејќи секако не сум „галамџија“.

Мала е привилегијата на мажи на кои друштво на стадион им прави нивната сопруга. Ја навикнавте ли и Илина спортскиот терен да го гледа како природна средина?

Одвреме-навреме знае да изрази желба да посети спортски натпревар или барем да ми прави друштво, седејќи покрај мене на коментаторското место во некоја од нашите сали. За разлика од многу други деца, и покрај тоа што е опкружена со двајца спортски фанатици дома, досега не изразила желба за активно да се занимава, или барем да тренира некој спорт. Сепак, натпреварувачкиот и спортскиот дух ги манифестира низ подиумите за танц. Веќе петта година оди на танци и со полна љубов му се посветува на танчарскиот живот. Членка е на студиото „Eat The Beat“, имаат по три тренинзи неделно, по неколку натпревари во сезона, а гледајќи ја отстрана како со огромна радост целосно и се посветува на нејзината воншколска страст, се восхитувам што знае и умее да ужива во она што го прави. За тоа има и секогаш ќе има полна поддршка од нас како родители.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk