Верувајте во чуда, тие се случуваат!

Секоја приказна за раѓање на едно семејство е убава и емотивна, но некои се читаат во еден здив и со солзи на очите. Таква е на Марина и Дарко Тодоровски. По неколку години лечење стерилитет и три неуспешни ин витра, пред три години и 10 месеци ја добија Катја, бебе кое тежеше само 830 грама. За малиот херој кој успеа да се избори за здивот на животот дознаа сите. Но, велат, храбрите и Бог ги помага! Марина и Дарко кои поминаа трнлив пат за да добијат рожба, уште потрнлив за да го задржат своето чедо, три години по раѓањето на Катја го добија Горјан. Природно, без епрувети и хормони, сосема неочекувано Марина доби две полни црти на тестот за бременост!

„ Јас и мојот сопруг Дарко спаѓаме во онаа група на парови на кои им било предодредено да поминат, доживеат и преживеат многу за да дојдат до целта..да добијат дете и да се реализираат како родители. Од овој аспект, кога станавме родители и по втор пат на нормален и за нас лесен начин, уште појасно и пореално можеме да уочиме колку всушност беше тешка борбата прво за да добиеме дете а потоа и борбата за Катја. Катја е предвремено родено девојче, во 26тата гестациска недела со тежина од само 830грама и должина од 32 сантиметри. Кога имаше само еден месец и беше извршена хируршка интервенција за затворање на дуктусот на срценцето. Катја излезе победник и по 100 дена борба си дојде дома, “ вели Марина за Мама365.

Нејзиното размислување на темата второ дете не била дефинирана. Искуството со поминатите 4 ивф циклуси, спонтаниот абортус и патолошката бременост со Катја која била толку неизвесна и полна со проблеми, мислата на повторна бременост ја плашела. Но работите скоро никогаш не течат по онаков редослед како што ние планираме, па така било и во нивниот случај. Бременоста со Горјан, братчето на Катја, се случила природно, непланирано и сосема неочекувано.

„ Кога почнав да го чувствувам првите симптоми на бременост, првото нешто што ми падна на памет беше дека нешто не е во ред со моето здравје. Помислив на се друго освен на бременост. Па така почнав да испитувам што ми се случува. Под притисок на сестра ми( која во тој момент веќе беше бремена) купив тест за бременост. Мислев да го направам и да и докажам дека не се работи за бременост. Не знам како да објаснам, колку не очекував тестот да биде позитивен. Но тестот излезе токму таков- позитивен! Се шокирав и не верував дека гледам две црти. Велат дека грешно негативен тест постои, но грешно позитивен- не. Веднаш отидов кај мојот доктор Лазаревски во Аџибадем Систина каде добив потврда дека сум 6 недели бремена. Крајно исплашена, збунета, неспремна…Што ли се ќе чека овој пат?! Бев сигурна дека и ова бебенце ќе се роди предвреме, но колку?Мојата реакција можеби не беше како на повеќето мајки. Но стравот и траумата како последица од моето минато имаа огромно влијание. Но, не се обвинувам поради тоа…мојата реакција беше нормална за мене и мојата ситуација,“ се присетува Марина.

 

За среќа бременоста напредувала многу подобро од што очекувале. Немала некои поголеми проблеми иако била крајно претпазлива, константно на штрек и во очекување дека нешто лошо ќе се случи. Контролите биле чести а грижата и поддршката од нејзините драги доктор Лазаревски а потоа и доктор Петровска биле од непроценлива важност.

„ Пополека стигнавме до 28та недела од бременоста кога малку си дозволив да си ја опуштам мојата стегната душа. Пополека стигнавме и до 34та недела од бременоста. За мене, рекорд. Мислевме дека Горјан ќе почека да поминат Новогодишните празници но и тој побрза да дојде на овој свет. Така на 29 декември 2016 година се роди нашата втора среќа. Поубаво и посреќно второ сонце, Господ не можеше да ни подари. Но најважно беше што конечно и ние можевме да уживаме во љубовта, да ја планираме иднината заедно со Горјан во неа, без страв и грижа за неговиот живот. Какво олеснување беше тоа…“ вели Марина.

Горјан како и неговата сестра Катја, првите денови ги поминал во интензивна нега, во инкубатор под надзор на нивната најдрага доктор Симонида. Се родил 2150 грама и бил долг 45 сантиметри. Бил здрав и без никаков проблем. Инкубаторот бил само една претпазлива мерка, зашто сепак бил роден во 34 недела.

„ Кога отидовме да го видиме уште кога се отворија вратите на интензивната нега, како бумеранг ми се врати се. Како да немаше поминато ден од времето кога тука живееше пола од моето срце, пола од мојата душа…емоциите ме совладаа но се потсетував себе си дека овој пат тука влегуваме среќни. Овој пат ништо не е како што беше со Катја. Беше необично и ново за нас во оваа ситуација да бидеме среќни, да бидеме како повеќето парови кога стануваат родители. Но беше многу убаво…беше толку лесно и едноставно да дојдеме до моментот да го гушнеме Горјан…за Катја што ли се не поминавме сите за да дојдеме до овој ист момент “.

Болницата ја напуштиле сите заедно, Марина, Дарко, Катја и Горјан, вели, онака нормално, секојдневно па нека биде и досадно но за нив најубаво!
Сега дома им е прилично интересно и динамично. Горјан има 10 месеци а Катја 3 години и 10 месеци. За Катја вели дека е многу палаво и енергично девојче на кое раѓањето на Горјан и на нејзината прва внука во размер од 13 дена, воопшто не и паднало лесно. Биле навикнати на еден начин на живот кој се променил со доаѓањето на Горјан дома. Но, вели дека секој ден е се подобро. Горјан е преслаткото, насмеано момче кое им овозможува да искусат како изгледа да бидат родители на “нормален” начин. Најважно од се е што е сигурна дека еден ден Катја ќе биде неизмерно благодарна што го има Горјан во нејзиниот живот.

„ Како и секоја мајка, подеднакво ги сакам моите деца. Но ние родителите на ваквите екстремно предвремено родени деца, љубовта кон нив ја имаме доживеано и од еден сосема поинаков аспект што ја прави не појака или поголема, едноставно поразлична и попосебна. Поради тоа овие мали херои како Катја имаат посебно место во нашите срца, “ вели Тодоровска.

Како и на секоја мајка, најважно и е двајцата да се живи и здрави. Темата бременост и принова вели за нив сега е затворена! Но на сите парови кои копнеат по рожба им испраќа порака:

„ И во најневозможните ситуации како нашата, тргнувајќи од борбата за дете, преку битката за животот на Катја каде немаше многу надежи, операцијата која имаше многу низок процент на преживување до постигнување на природна бременост, всушност се е возможно! Вие парови кои се пронаоѓате во нашата животна приказна, не губете надеж, имајте трпение, упорност и верба. Верувајте и знајте, и навидум најневозможното е возможно! “

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk