Во кои случаи се препорачува колпоскопија

Објавено на: Jun 07, 2016 од Мама Ане

Колпоскопија е дијагностичка постапка во гинекологијата со чија помош се прегледуваат грлото на матката и внатрешноста на женските гениталии.

Тоа е назив за едноставен преглед со кој одблиску се прегледуваат клетките на грлото на матката.

Во постапката се користи оптички инструмент-колпоскоп кој со соодветно осветлување и зголемување ги прикажува сите промени во внатрешноста на мал екран поврзан со апаратот.
Најчесто колпоскопијата следи по позитивен ПАП тест, односно пап тест кој покажал присуство на абнормални клетки.

Оваа метода за преглед е исклучително важна бидејќи со нејзина помош многу лесно може да се воочат и најраните промени на грлото на матката чие ненавремено откривање можат да имаат сериозни последици по здравјето на жената.

Процедурата е многу едноставна, безболна а самиот преглед не трае повеќе од пет-шест минути.
Исто како и пап тестот и колпоскопијата има високо дијагностичка вредност во детекција на предмалигните состојби CIN I, II, III и малигните промени на грлото на матката.

Колпоскопија најчесто се прави во текот на гинеколошкиот преглед доколку постојат индикации за тоа или како рутински дел од прегледот во зависност од ординацијата.

Индикации за колпоскопија се:
– постоење на промени на грлото на матката наречени ранички
– крварење во текот на сексуалниот однос
– резултат од пап тестот кој бара дополнителни испитувања ( постоење на хпв односно цин )
– постоење на кондиломи на надворешните делови на вагината
– постоење на леукоплакија
– воспалувања на грлото на матката
– полипи во внатрешноста на вагината и на грлото на матката
– неочекувани вагинални крварења


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…