„Задолжително јадете јаболко после секој десерт“, интервју со стоматолог д-р Ана Кртолица Георгиев

Забите се најубавиот украс на лицето, здравите заби значат и здраво дете. Секој родител би требало да внимава на негата на првите-млечни заби. Во екот на празниците кога се најактуелни слатките, чоколадите и бомбоните кои се најголеми непријатели на забите, мама365 разговараше со стоматологот д-р Ана Кртолица Георгиев.

Мама365: Каква улога играат и колку се важни млечните заби?

Млечните заби почнуваат да се појавуваат во устата на бебето околу шестиот месец од животот. Секако никнењето на забите е сосема индивидуален процес, некаде е побрз, некаде доцни, но до третата година од животоот вообичаено децата ги имаат сите дваесет млечни заби во својата уста. Нивната главна улога е да ја ситнат и мелат храната со што започнува процесот на нејзиното варење уште во устата. Така подготвената храна потоа продолжува во желудникот каде се дообработува и вари. Покрај оваа улога тие имаат и улога во фонација, односно творење на гласовите и секако се важен социјален фактор дури и за дечињата, бидејќи тие се забележуваат. Млечните заби исто така се чувачи на простор во вилицата и важно е да го почекаат својот заб заменик. Така се избегнуваат или намалуваат ортодонтските аномалии.

Последниот млечен заб се задржува во устата на детето до дванаесетата односно тринаесетата година од животот, што ни укажува за важноста на млечните заби. Квалитетот на живот со здраво забало и она со кариозно и болно забало многу се разликува. Затоа е важно забите на децата да ги чуваме и да започнеме со одржување хигиена со изникнувањето на првиот млечен заб во устата. Најпрво ги чистиме со газа или напрсток. По првиот роденден воведуваме четка за заби прилагодена за возраста но без паста, и паста воведуваме дури по вториот роденден. Важно е да сме свесни дека децата не се моторички спретни квалитетно и темелно да ги измијат забите дури до својот шести роденден, затоа е нужно родителот да ја проверува и одржува усната хигиена на детето.

 

Мама365: Така наречената леплива храна е најголемиот непријател на детските заби. Кои производи спаѓаат во оваа група и како да се заштитиме после консумирање на истите?

Катниците се задните заби кои имаат изразен релјеф на жвакалната површина. Токму во тие јамички на забите се лепи храната која ја џвакаме и таму долго се задржува. Тука таа се разградува при што настануваат кисели продукти и на тој начин започнува настанокот на кариес односно топењето на глеѓта. За да ги заштитиме забите од кариес треба да внимаваме на храната што ја јадеме. Храна која е богата со јаглехидрати се смета за високо кариогена храна. И доколку таа храна е леплива тоа е уште полоша комбинација. Тука спаѓаат бисквитите, чајните колачи, грисини, смоки, леб, кики бонбони, суви овошки и така натаму. Оваа храна и нема некоја посебна нутритивна вредност затоа е корисно да ја ограничиме количината и фрекфентноста на внесување на истата. Кога конзумираме ваква храна пожелно е да ги измиеме забите по завршувањето на оброкот, или барем да послужиме свежо крцкаво овошје или зеленчук (јаболко, морков…) , со тоа децата ќе си ги самоисчистат забите. Пиењето вода е пожелно да е често бидејќи таа ја неутрализира pH средината во устата и со тоа не заштитува пред кариес.

 

Мама365: Кои се најчестите грешки кои ги прават родителите?

Првата грешка која ја прават родителите е дека го дочекуваат раѓањето на своето бебе со несанирани заби и несредено здравје во устата. Кога родителот има кариогени и парадонтогени бактерии во устата истите ги пренесува на своето бебе. Родителите мораат да имаат здравје во устата пред да им се роди бебето. Следната грешка е пиењето млеко од шише ноќе, или каков било засладен пијалак како чај или сок. Во шишенцето е дозволиво да имате само вода бидејќи сите засладени течности кои долго се задржуваат во устата предизвикуваат ран детски кариес. Доколку не можете да ги избегнете секогаш овие течности, тогаш барем по нивното конзумирање на бебето треба да му дадете да се напие вода за да ја исплакне устата. Грешка е исто така децата да се однесат на стоматолог кога родителот ќе види промена на забите на детето или кога тоа ќе се пожали на болка. На забар се оди кога ништо не боли. Само така можете да создадете добри пациенти кои нема да имаат страв од стоматолошки интервенции.

 

Мама365: Кој е најдобриот начин за создавање навика за орална хигиена кај децата?

Најдобро е навиките да ги создавате од самото раѓање односно со изникнувањето на првиот млечен заб. Родителите треба да се пример на децата за миење на забите. Посетите на стоматолог треба да се редовни, најмалку еднаш на шест месеци. Првата посета на стоматолог направете ја кога детето нема болка или најдоцна до третата година од животот. Внимавајте на здрава исхрана.

 

Мама365: Во екот на новогодишните празници, децата добиваат паќетчиња со најразлични слатки кои се „непријатели“ на нивните заби. Што да избегнуваат бабите, како да реагираат родителите за да им помогнат а да не им го скратуваат задоволството на децата?

Ова е период од годината кога слатките се неизбежни. Обидете се да ги отстраните лижавчињата и бонбоните од пакетчињата. Тие догло се топат во устата и се најстрашните непријатели на забите. Договорите се со детето по секој десерт да изеде јаболче и сте завршиле одлична работа. И секако многу, многу вода.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk