Жалам што расте трендот на пластични усти кај убавите жени, интервју со Марија Илиќ

Македонската жена има силуета со облини, а домашните дизајнери знаат да го задоволат вкусот и да направат модерна жена. Дали расте интересот за мода? Се цени ли македонско-дизајнерскиот потпис? Кој и како ја креира модата во земјава? Во екот на Моден викенд – Скопје, разговаравме со Марија Илиќ, менаџерката за односи со јавност. 

 

Мама365: По многуте направени модни викенди и модни недели, дали расте или опаѓа интересот за мода во земјава?

М.И. За шеснаесет сезони или осум години низ Моден викенд Скопје поминаа огромен број на дизајнери и креативци од целата индустрија. Не можам да се сетам на некое име од домашната сцена кое не било барем еднаш дел од нашиот моден настан. Модните парчиња во финансиска смисла се се подостапни, бројот на дизајнери е се поголем и би рекла дека секоја жена може да си дозволи според сопствениот џеб по некое парче облека што и прилега.

 

Мама365: Се развива ли македонската жена во модерна жена?

М.И. Она што е се поевидентно е дека македонската жена се грижи како изгледа и станува свесна дека вечерниот изглед не е адекватен за наутро или за на работно место. Трендовите и во шминкањето се сменети и наоколу гледам жени кои ја истакнуваат својата природна убавина. Жалам што трендот пластични усни и корекции кај убавите жени кои немаат потреба за такво нешто и понатаму расте. Неколку  јавни личности кај нас, сметам дека немаа потреба да го вулгаризираат својот изглед со пренагласени естетски корекции. Малолетните девојчиња и младите девојки би требало да уживаат во детството и младоста наместо да се натпреваруваат со времето и да се трудат да остарат пред време.

 

Мама365: Расте ли свеста за почит кон македонско дизајнерски потпис?

М.И. До пред некоја година македонски дизајнери купуваа жени и мажи кои навистина ја препознаваа и ја почитуваа разликата на уникатно парче пред масивен комерцијален бренд. Сега се повеќе се купуваат домашните имиња. Се радувам што дури и за приватни важни моменти, особено жените, се јавуваат и бараат препорака или контактни од нашите дизајнери.

 

Мама365: Кој кому диктира мода- жените како клиенти на модните дизајнери или обратно- модните дизајнери на нивните клиенти, жените?

М.И. Од она што го слушам од дизајнерите и од двете има помалку. Со сета почит, лично сметам дека модна креација која останува на закачалка во некое ателје наместо видена на клиент е загуба поголема од материјалната. Дизајнерите и клиентите се наоѓаат веројатно на пола пат меѓу можностите на купувачите и на сопствената креативност. Се согласувам и дека е навредливо кога кај дизајнер одите со слика симната од интернет или со креација од некое светски познато име и креаторот го сведувате на ниво на шнајдер.

 

Мама365: Дали е храбра македонската жена? Има ли смелост да носи уникатни и необични парчиња?

М.И. Апсолутно да. Освен на Моден викенд Скопје и во кафулињата, во рестораните и дискотеките, на различни настани ќе видите жени кои навистина храбро и со стил ја носат облеката.

 

Мама365:  Стереотипите се дефинитивно аут од модата, креираат и жени и мажи. Колку македонските дизајнери можат да живеат од нивната професија во нашата земја?

М.И. Тоа е индивидуално. Има дизајнери кои одлично заработуваат од својата професија. Работат квалитетно, го нашле патот до оние кои им е наменета нивната колекција, вложуваат во сопствената промоција и имиџ. Имаме и дизајнери кои со креирање се занимаваат од хоби или едноставно не успеваат да „испливаат“ и набргу се откажуваат.

 

Мама365: Македонската жена важи за жена со облини. Светот вообичаено создава модни парчиња за слаби манекенки. Се прилагодуваат ли нашите креатори за пропорциите на традиционалната македонска дама?

М.И. Креациите кои ги гледате на ревиите се со навистина мали пропорции и конфекциски броеви бидејќи се прилагодени на моделите кои ги носат. Да речеме дека ревиите се „излогот“ на еден дизајнер. Во нивните ателјеа прават корекции или ви произведуваат парче според вашите пропорции. Секако, има креации кои едноставно не се адекватни за жени со поголема тежина и многу од дизајнерите не се согласуваат да ви прават такво парче бидејќи сепак, од внатрешната страна стои нивна етикета.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk