„Згриживме детенце за да му дадеме можност да расте опкружено со љубов“, интервју со Јана Дуковска-Деспотовска

Велат, децата се нашето најголемо богатство! Ако навистина така се мери колку е човек богат, тогаш Деспотовски веќе неколку дена се едни од најбогатите луѓе во светот. На три биолошки, Јана и Јован одлучија да згрижат уште едно дете за да го збогатат семејството. Добро организираната мама, најде време за да одговори и на прашањата на Мама365.

Мама365: Како се случи Иво? Кој посака? Кој одлучи?

Јана Дуковска-Деспотовска: Уште од самиот почеток на нашата врска со Јово се договоривме дека без разлика дали и колку наши деца ќе имаме, едно мора да посвоиме. Бидејќи имаме три биолошки, Андреј (11), Ана (8) и Нина (5), се одлучивме да станеме згрижувачко семејство. Со тоа, од една страна ќе помогнеме на едно оставено детенце, а од друга страна нема да го земеме редот на семејствата кои чекаат за посвојување на дете. Иако, тоа е поголем ризик за нас како семејство, сметавме дека така е најисправно за сите. И така Иво дојде во нашето семејство како четврт член.

Мама365: Првиот поглед, првиот контакт остануваат до крај на животот во главата на родителите во некоја папка за секогаш да изнудат солзи радосници. Опиштете ни ја вашата прва средба?

Јана Дуковска-Деспотовска: Првата средба со Иво беше поразлична од средбата со првите три дечиња, бидејќи нив ги видов веднаш по раѓањето, со измешани чувства и хормони, а со Иво се запознавме неколку денови по неговото раѓање. Но, секако чувствата се исти, солзи во очите и дилеми во главата како ќе се снајдеме и дали ќе биде се` во ред. И со секој поминат ден и со односот на Андреј, Ана и Нина кон Иво, сосема ми е јасно дека сме ја направиле вистинската работа.

Мама365: Дали можеби ве поттикна на ваков чекор кампањата на министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ?

Јана Дуковска-Деспотовска: Секако. Особено што не знаевме ништо за можноста за згрижување. Тимот од Центарот за социјални работи-Скопје ни ја објасни постапката, не запозна со фактот колку дечиња секојдневно се оставаат или чекаат по домовите да бидат згрижени, а не исполнуваат услови да бидат посвоени и згрижувањето е единствена опција за нив. Тоа само не поттикна побрзо да се решиме и да згрижиме дете без родителска грижа. Пред се, заради Иво, да му дадеме можност да расте во здраво семејство, а потоа и заради нашите деца, да им дадеме пример со нашето однесување за сочувство, емпатија, љубов и грижа кон другите, бидејќи некако во секојдневното забрзано живеење овие вредности се забораваат.

Мама365: И Вие и Вашиот партне римате свои кариери. Никогаш не штедите ниту фотографии во јавност од дружбата со вашите три деца. Секој има свои потреби, во моментот можеби Иво најмногу. Поставивте ли посебни семејни правила за сите да земат од колачот на среќата?

Јана Дуковска-Деспотовска: Правила секако има, бидејќи со четири деца добрата организација е многу важна. Дечињата ни се како мали војничиња. Иво допрва “ги учи” правилата и на само 10 дена веќе си има рамноправно место со братот и сестрите. Сите сме сега околу него, бидејќи бара најголема грижа, и секој има своја улога во грижата околу него. Секако, најважна ми е поддршката од партнерот кој ми ги разреши сите дилеми само со една реченица: “Што и да се случи, заедно сме во сето ова”.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk