„Знаковниот јазик го научив пред говорниот за да можам да комуницирам со глувонемите родители“, интервју со Олга Ристовска, презентер во МТВ

Животот не е праведен. Општеството уште помалку кон оние за кои сметаме дека не се еднакви со нас. Луѓето родени со хендикеп честопати се отфрлани и дискриминирани од средината на најразлични начини. Силата кај овие луѓе е што на нивниот хендикеп не гледаат пречка за успех, и се борат до крај за да постигнат своја цел. За една таков пример за мама365 раскажува презентерката на знаковен јазик на дневникот на МТВ, Олга Ристовска. Вели дека нејзината професија е всушност нејзината животна приказна. Животот со глувонеми родители предвреме и ја одредил професијата.

Мама365: Кога добивте желба да го изучувате знаковниот јазик?

Олга Ристовска: Знаковниот јазик ми е прв јазик, научен пред говорниот. Тоа беше единствениот начин на кој можев да комуницирам со моето семејство. Растев со глувонеми родители. Додека сите деца безгрижно го минуваа времето играјќи и дружејќи се со своите врсници, јас живеев поинакво детство. Бев задолжителна придружба на родителите додека одеа по лекари бидејќи морав да им помагам да се разберат со светот. Замислете ја одговорноста со која се соочував на мои 6-7 години, внимателно и точно да ја пренесам комуникацијата на болните родители и лекарите.

Мама365: Луѓето со збор можат најмногу да повредат или пак да пофалат. Како е во светот на тишината?

Олга Ристовска: Кога живеете со глувонеми родители ја живеете нивната приказна, нивната глувост и едноставно живеете во светот на нивната тишина и на суровата реалност. Многупати бев повредувана од средината која нема слух за луѓето со вакви пречки. Доволно е само еден безмилосен поглед кој ти ја стрела душата. Со текот на времето научив да не го забележувам сиот потсмев, зашто сфатив дека тоа ми е единствениот начин како да комуницирам со моите родители. Сфатив дека хендикепот на глувонемите не е пречка за успех. Мојот татко беше фудбалер и играше за репрезентација, притоа дома ги нижеше многубројните медали. Горда сум и на мојата мајка која беше полна со разбирање и нештата умееше да ги направи совршени. Имавме среќа со мојот брат да растеме во семејство во кое бевме исполнети со љубов и тивка хармонија, со родители кои беа еднакви со своите различности.

 

Мама365: Колку е тешко да се комуницира со деца кои го користат знаковниот јазик? За што најчесто зборувате со нив?

Олга Ристовска: Децата со оштетен слух одат во училиште со знаковен јазик и со нив работата дефектолози кои се обидуваат да им го пренесат звукот. Ова се деца кои се исти како и опстанатите. Најмногу се радуваат на новогодишните подароци, нивните насмевки блескаат на лицата и во секоја нивна прегратка се крие среќа.

Мама365: Која е најубавата вест која сте ја презентирале со помош на знаците?

Олга Ристовска: Чест и привилегија е да работиш во Македонската телевизија. Јас сум презентер на дневникот на знаковен јазик и им помагам на глувите и наглувите лица да ја разберат содржината. Со тоа ја исполнуваме и законската обврска овие луѓе да бидат информирани. Среќна сум што сум именувана за постојан судски толкувач на глуви, неми и глувонеми лица.
Најубавата вест која сум ја презентирала е веста за претставувањето на нашите олимпијци со оштетен слух кои ја претставуваа земјата на Олимпијадата во Турција. Се трудам во секоја вест да внесам убав дух и позитивност. Во тоа ми помага една личност на која сум и бескрајно благодарна, ми го прави животот среќен, ми дава сила и желба да одам напред. Му благодарам за поддршката и насмевката на моето лице и што секогаш ми повторува дека со мојата професија оставам трајна насмевка кај многу луѓе.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk